Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски позитивен на корона вирус


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е позитивен на корона вирус.
Како што соопшти на неговиот фејсбук профил, тој во понеделникот вечерта го добил резултатот од направеното тестирање, кој бил позитивен.
„Почитувани, би сакал да ве информирам дека и покрај строгото почитување на мерките коишто ги превземам за моја лична и заштита на луѓето околу мене од почетокот на пандемијата, вечерва добив позитивен резултат за Ковид 19.
Клиничката слика ми е добра, со благи симптоми и веќе сум во домашна самоизолација“, напиша кусо Спасовски.
Засега нема информации дали и некој друг од Владата или од СДСМ, покрај Спасовски ќе мора да оди во изолација.

Инаку, како што може да се види и од неговите објави на фејсбук, Спасовски во понеделникот учествуваше на акцијата „Засади 75 дрвја за 75-годишнината“ во чест на 75-годишнината од формирањето на Организацијата на Обединетите нации, што се одржа во околината на Велес во близина на езерото Младост во присуство на официјални претставници на Обединетите нации, дел од дипломатскиот кор и официјални претставници на институциите.

Од фотографиите од настанот се гледа дека бил присутен и премиерот Зоран Заев.

Спасовски во саботата беше во иста просторија заедно со премиерот Заев, како и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и други сопартијци на онлајн конгресот на СДСМ.