Министерот Спасовски во посета на Крушево


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска беше во посета на ОВР Крушево, при што оствари работна средба и со градоначалникот на Oпштина Крушево, Томе Христоски, присуствуваше на богослужба во манастирот „Свето Преображение”.

-Денеска во рамки на редовните активности со дел од раководството на МВР реализиравме  работна средба со раководството на Одделението за внатрешни работи Крушево при СВР Битола, при што бев информиран за успешно реализираните бројни активности и ангажмани од безбедносен аспект на оваа организациона единица изминатиов период по повод празнувањето на Деновите на Крушевската Република, како и за тековните редовни полициски работи со кои секојдневно се соочуваат, истакна Спасовски.

Тој констатира дека безбедносната состојба во ОВР Крушево е стабилна.

-Во делот на класичен криминалитет и расчистени кривични дела оваа Одделение покажува респектабилни резултати на работа во делот на откривачка дејност на извршителите на кривичните дела, што се должи пред се на нашите генерални определби за поквалитетно и поефикасно полициско функционирање во сите домени од работењето на полицијата, вели Спасовски.

 

Во рамки на  денешнава посета на Крушево, министерот за внатрешни работи оствари работна средба и со градоначалникот Томе Христовски.

-Заеднички ја  констатиравме досегашната  одлична соработка меѓу полицијата и локалната самоуправа, чие што делување опфаќа широк број прашања што ги тангираат жителите на општината а се во доменот на работа на полицијата со можности за нејзино унапредување, нагаси Спасовски.

Тој од Крушево најави уште една планирана активност на МВР во периодот што следи со цел намалување на трошоците по основ на потрошена електрична енергија.

-Набавена е а нова современа опрема што  ќе придонесе за економичност во работењето, како резултат на глобалната  криза и  недостигот на електрична енергија, а во тек е инсталација и монтажа на соларни панели за загревање на вода 15  објекти ширум земјава за потребите на Министерството за внатрешни работи, изјави министерот Спасовски.

Тој во текот на денот ќе го отвори традиционалниот ФИС ,,Ролер ски куп Тоше Проески“.