Министерот Николовски годинава очекува рекорден извоз на вино


 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски очекува годинава да бидат срушени рекордите за извезено вино. Тој вели дека македонското вино е нашиот најголем амбасадор и дека се отвараат нови пазари како што се Кореја, Бразил и други држави во светот. 

„Сите политики што ги водиме се во правец да произведуваме финален производ и токму затоа оваа година за 12 милиони евра е зголемен извозот на флаширано вино, а паѓа извозот на наливно вино. Токму тоа што паѓа извозот на наливно вино и расте извозот на флаширано вино, говори дека навистина сите политики, мерки и активности водат во правец да го преработуваме нашето грозје и да работиме на брендирање и на имиџ на македонското вино“, вели Николовски во интервју за МИА за време на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград.

„Македонија е винска земја, виното е наш најголем амбасадор. Моментално, според последните бројки, сме прва земја во регионот, дури пред Грција и пред останатите земји, во извоз на виното. Очекувам 2023 година да ги урнеме рекордите по вредноста на извезено вино. Особено е значајно што расте извозот на флаширано вино, и само во последната година имаме за 30 проценти поголем извоз на флаширано вино. Едни од најпосетуваните на саемот се и македонските семејни винарии, македонските мали старт ап винарии. Пред само неколку години имавме 30, а денес сме до добра бројка од близу 300 регистрирани винарии“, посочува Николовски.

Според него, околу 20 милиони долари е извозот во последната година во Србија.

Владата пред еден месец за првпат ја донесе новата десетгодишна Национална стратегија за развој на лозарството и на винарството. Бројките за растот на извозот, покажуваат дека виното на некој начин по тутунот е најизвезуван земјоделски производ. „Претседателот Вучиќ вчера неколкупати ја потенцираше важноста на Македонија како винска земја на она што го произведуваме, но и на препознатливоста и на квалитетот на македонското вино, и токму затоа е таа побарувачка.

До крајот на месецот ќе склучиме нови близу 100 договори, за нови старт ап винарии, близу 100 винарии кои ќе добијат грант од 10 илјади евра за набавка на опрема. Тоа се пред сѐ лозари кои произведуваат грозје и кои ги мотивираме да го преработуваат, лесно да се регистрираат по измените на Законот што ги направивме и да може да произведуваат вино, односно финален производ. Сите политики што ги водиме се во правец да произведуваме финален производ“, вели Николовски во разговорот.