Министерот Клековски ги посети пациентите со трансплантиран бубрег


Министерот за здравство Сашо Клековски, денеска на Универзитетската клиника за урологија ги посети пациентите на кои неодамна им беше трансплантиран бубрег, двајца од починат дарител и трет од жив дарител.

При посетата, министерот Клековски беше придружуван од националната координаторка за трансплантација проф. д-р Билјана Кузмановска, директорот на Универзитетската клиника за урологија д-р Башким Шабани и директорот на Универзитетската клиника за нефрологија д-р Никола Ѓорѓиевски.

„Најголемата благодарност му ја должиме на семејството на починатиот дарител. Во најтешкиот момент, тие донесоа одлука која на двајца наши сограѓани им враќа живот без дијализа. Тоа е чин на исклучителна хуманост, за кој нема доволно зборови. Благодарност и до живот дарител, кој дел од себе им подари на своите најблиски“, изјави министерот Клековски.

Министерот изрази благодарност и до медицинските тимови од Клиниката за урологија и Клиниката за нефрологија, како и до сите вклучени во процесот на координација на дарувањето.
Со овие три трансплантации, годинава на Универзитетската клиника за урологија се изведени вкупно 15 трансплантации на бубрег, во споредба со 11 во цела 2025 година. До крајот на годинава се планирани уште три трансплантации од жив дарител.
„Секоја трансплантација е резултат на доверба, тимска работа и посветеност. Продолжуваме да ја зајакнуваме мрежата за трансплантација и да ја поттикнуваме свесноста за дарување органи, бидејќи многу пациенти сè уште чекаат на својата шанса“, додаде Клековски.

Министерството за здравство ги повикува граѓаните да разговараат со своите најблиски за дарувањето органи, бидејќи изразената волја им ја олеснува одлуката на семејствата во тешките моменти.