Министерот ќе даде отчет за сработеното на 10 октомври, набргу потоа и прес-конференција за Универзална
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков најави дека на 10 октомври ќе има комплетен отчет за сработеното од страна на Министерството за култура и туризам, а неколку дена потоа, на посебна прес-конференција ќе ги обелодени следните чекори за повторно ставање во функција на Универзалната сала.
Тој денеска за време на неговата посета на НУ Национална опера и балет, на новинарско прашање кога ќе се стави во функција Универзалната сала, посочи дека истата е преземена незаконски, а подетално објаснување најави веднаш после 10 октомври.
-Аргументите се на наша страна, не само од професионалци вработени во Министерството за култура, туку и од други консултански куќи и правници. Единствен е фактот дека Универзалната сала е преземена незаконски. Но пак ќе кажам, веднаш после 10 октомври кога ќе биде отчетот на Министерството за култура и туризам, за неколку дена ќе направиме и една посебна прес-конференција на која ќе ги кажеме чекорите, што сме затекнале, каков процес сме затекнале од Универзална сала, кои се последиците од таквото незаконско преземање и кои ќе бидат брзите чекори за повторно ставање во функција и повторно градење на Универзална сала. Не зборуваме за нов проект, не зборуваме за рушење. Зборуваме само за легално преземање на овој постоечки проект кој што го имаме сега, за да бидеме и ние сигурни и исправни пред законот. Да можеме да продолжиме најлогично како што треба, изјави Љутков.
„Превземањето на Универзална сала е законски и реконструкцијата мора да ја направи министерството за култура“, вака од СДСМ пред два дена му одговорија на министерот за култура Зоран Љутков, кој обвини дека не се знае под чии владение е Универзална сала.
– Целокупната постапка за Универзална сала е спроведена низ соодветни законски процедури. Врз основа на овие законски постапки, одлуките на Советот на Град Скопје и на Владата е донесена и одлука за финансирање на реконструкцијата на овој објект, велат од СДСМ.
На 9 април годинава, Универзална сала ја зафати голем пожар, само еден месец откако продолжија градежните работи по пауза од 2 години.