Министерот Исмаили на Меѓународен културен форум во Санкт Петербург


Русија- Министерот за култура Хусни Исмаили престојува во работна посета на Руската Федерација каде што учествува на 8. Меѓународен културен форум, кој од 14 до 16 ноември се одржува во Санкт Петербург.

Санктпетербуршкиот културен форум претставува глобален културен настан на кој учествуваат илјадници експерти од сите области на културата од целиот свет, кои годинава ќе дискутираат на тема „Културните кодови во светот на глобализацијата“.

Домаќини се Владата на Руската Федерација, Министерството за култура на Руската Федерација и Владата на Санкт Петербург.

Форумот се одвива во Главната управна зграда на Државниот музеј „Ермитаж“ и во повеќе културни места во градот, а е поделен на: деловна програма, фестивалска програма и програма за имплементација на проекти и потпишување договори од областа на културата.

Во рамките на Форумот, како дел од специјалната програма, гости се Меѓународната фондација „Форум на словенските култури“, а по повод одбележувањето на 15-годишнината од основањето и Република Турција, која 2019 ја одбележува како година на културата и туризмот на Руската Федерација и на Турција. Држава почесен гостин на Форумот, пак, годинава е Народна Република Кина, а во чест на 70-годишнината од дипломатските односи меѓу Руската Федерација и Народна Република Кина.

Меѓународниот културен форум се одржува од 2012 година со 70 учесници и 300 посетители, за во 2018 година да ја достигне бројката од 35 000 учесници, 50 странски делегации и 415 настани.