Министерот Хоџа на средба со тутунари во Прилеп

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа денеска во Прилеп ќе одржи средба со Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари.

Средбата е закажана за 12 часот, во административната зграда на Општина Прилеп.

По завчерашниот предупредувачки протест, тутунарите од Прилепско вчера протестираа во центарот на градот и пред откупниот пункт на Тутунскиот комбинат, додека за утре најавија блокади. Побараа итна средба со надлежните и порачаа дека јавно ќе го изразуваат својот револт се додека не се реши проблемот со ниската откупна цена и проценката на родот која, според нив, е нереална. Предупредија и дека нема да го даваат тутунот за помалку од 200 денари по килограм.

– Бараме итна средба со надлежните и да се решат нашите проблеми, нашите маки. Нема да отстапиме од нашите барања. КОВИД-криза е, а но имаме и финансиска криза. Има луѓе кои го даваат тутунот за 100 денари за да преживеат. Ова мора итно да се реши. Ако можеа пратениците да бидат единствени за средства за партиите, може и за нас да бидат единствени. Во среда ќе имаме блокади и бараме поверениците на вагите да го стопираат откупот поради обезвреднување на нашиот труд, рече вчера Игор Мирчески, од иницијативниот одбор на „Група македонски тутунари“.

Поради ниските откупни цени на протест излегоа и струмичките тутунари од селата Радичево и Ново Село. Побараа реална проценка на тутунот и укинување на четвртата класа. Укажаа дека откупните цени засега се многу ниски и побараа Владата да преземе мерки за да се надмине состојбата. Во спротивно, најавија, секојдневно ќе продолжат со протестите.

-Оваа година тутунот е нереално проценет. Просечнaта цена е околу 120-150 денари за килограм. Таа цена е многу ниска и еден производител кој живее само од тутун, не може да опстане, рекоа тутонопроизводителите на откупен пункт во селото Радичево.

Министерот Хоџа во петокот имаше средба со тутунопроизводителите и откупувачите. Изјави дека се размислува за укинување на четвртата класа тутун за да се зголеми откупната цена. Воедно апелираше на трпение – да се причека да се отворат сите пунктови, па потоа да се излегува со оценка каков е откупот. Порача и дека целата договорена количина тутун ќе биде откупена.

-Ги охрабрувам производителите, доколку забележат нерегуларности при проценката на тутунот и сметаат дека им е нанесена неправда, да ги искористат законските можности, да го блокираат пунктот и да побараат Второстепена комисија на која јас лично би присуствувал. Свесни сме дека поради временските услови оваа реколта е за нијанса послаба во квалитет од лани, но има голем број забелешки за вредувањето на родот. И купувачите искажаа многу забелешки за некои проивзодители кои сакаат да наметнат други класи во откупните кутии, истакна Хоџа.

Напомена и дека лани просечната откупна цена на тутунот беше 215 – 220 денари, а тенденцијата годинава е таа да се достигне барем приближно.

Тој вчера на својата фејсбук страница, но и на официјалната страница на МЗШВ, објави дека еден месец пред почетокот на откупот се преземени сите законски обврски. Како што наведе, годинава треба да се откупат 23 милиони килограми тутун, а досега се преземени околу 300.000 килограми или околу 1,5 отсто од вкупната количина. Просечната откупна цена е 165 денари за килограм.

Вчера се огласи и генералниот директор на Прилепскиот тутунски комбинат, Кире Станкоски. Нагласи дека родот на пунктовите на Комбинатот реално се проценува, а цената во просек е 171 денар, додека на ниво на државата изнесува 165 денари за килограм.. Според Станкоски,допрва се очекува да бидат донесени квалитетните берби.

ВМРО-ДПМНЕ го обвини премиерот Зоран Заев за ситуацијата со тутунот. Како што рече на прес-конференција Цветан Трипуновски, поранешен технички заменик-министер за земјоделство, килограм тутун чини колку кутија цигари, а тутунарите се излажани.

Трипуновски повика на владина интервенција и веднаш да седне на маса со откупувачите за да се овозможат „нормални и фер цени“.

-Дополнително треба да се осигура пласман на околу три милиони килограми тутун за кој нема договори за откуп и, како што сега стојат работите, најверојатно ќе скапува по таваните, истакна Трипуновски.