Министерот Филипче се сретна со претставничката на УНИЦЕФ, Ди Џовани


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретна со Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија.

На состанокот, соопшти Министерството за здравство, беше разговарано за набавката на ковид вакцини преку Ковакс механизмот и улогата на УНИЦЕФ во тој процес. Ди Џовани од име на УНИЦЕФ ги предочи предностите од учеството на оваа организација во носењето на вакцината од производителите до нашата држава, како што е транспорт, шпедиција, обезбедување на дозволи за транзит, се што значи логистичка поддршка како и обезбедување на „Студен синџир“ за безбедна достава на вакцините во државата.

Министерот за здравство рече дека ги препознава предностите и дека истите ќе ги земе предвид кога ќе се одлучува кој ќе ја врши доставата на вакцините до нашата држава. На состанокот се разговараше и за двегодишниот работен план на УНИЦЕФ и Министерството за здравство, за период 2019-2020 и беше заклучено дека истиот ќе биде имплементиран и во првиот квартал од 2021 година.

Филипче побара во новиот двогодишен план за 2021-2022 година да се опфати и обезноста кај децата и за секоја активност да се предвиди работна група од експерти од областа која ќе подразбира мултисекторски пристап каде ќе се координираат експерти од областа и други меѓународни организации, бидејќи таквиот пристап досега покажа резултати како на пример со Комитетот за безбедно мајчинство, стои во соопштението.