Министерот едно, овчарите сосема друго: Цената на јагнето никогаш пониска
Јагнето во кланиците се откупува за 210 до 230 денари по килограм. Сточарите ги носат јагнињата на пазарите за 320 денари по килограм. Со тоа барем ќе ги покријат загубите

БИТОЛА – Сточарите ги носат јагнињата на сточните пазари за цена од 310 до 320 денари килограм жива мера за да ги покријат загубите во производството. Разликата да се даде јагнето на сточен пазар или в кланица е стотина денари по килограм, пари што за овчарите не се за потценување. Тоа се „вишокот“ јагниња за кои не се обврзани со мерките за субвенции, но бидејќи се обврзани јагнињата (половината од вкупниот број на овци во стадото) да ги даваат на кланица кај регистриран откупувач велат дека губат многу пари.
Во меѓувреме, овчарите секојдневно на социјалните мрежи бараат час поскоро да се доисплатат субвенциите од ланската година. Од вкупно 2.000 денари по грло овца, државата досега за 2024 година им има исплатено само 600 денари по овца, им должи 1.400 денари по грло. Министерот Цветан Трипуновски вчера во телевизиско гостување рече дека откупот на јагнето тече, досега се откупени 120 илјади јагниња по цена од 220 до 250 денари.
Меѓутоа за овчарите цената од 250 денари по килограм жива мера е недостижна и велат дека ситуацијата на терен е тешка и ниту малку едноставна како што ја прикажува министерот. Тие од МЗШВ побарале ревидирање на мерките за субвенција на овчарите, засега немаат повратен одговор.
„Откупот на јагнето беше закочен неколку месеци, сега има откуп ама цената е катастрофално ниска и не ни ги покрива производните трошоци. Јагнето ни се откупува за мизерна цена од 210 до 230 денари по килограм. Повеќе ни се исплаќа да го продаваме на пазарите за 320 денари по килограм. Парите ги земаме веднаш, а не како субвенциите што ги чекаме по една година, ама и парите од кланиците се чекаат со месеци. Има овчари кои не зеле пари од откупот за ланското јагне. Каде да се жалиме, инфлацијата ни ги изеде парите. Од кога паметам за себе цената на јагнето никогаш не била пониска, а обврзан сум 250 јагниња да дадам на откуп заради субвенциите“, вели Аце Милевски, сточар од Гнеотино, кој одгледува 500 глави овци.
И сточарот Виктор Ристевски коментира дека јагнето му е земено за уште пониска цена, од 205 до 220 денари за килограм, оти биле условени да го дадат во кланица заради субвенциите.
„За јагнето 250 денари ќе сонуваме, да се укине и мерката 50 проценти да носиме во кланица, оти едно јагне да угине ќе нѐ исфрли системот и ќе останеме без субвенциите“, вели сточарот Александар Јовчевски.
Во вторникот на сточниот пазар во Битола биле продадени над 60 јагниња за цена околу 5 евра по килограм жива мера. Битолчани пресметале дека сами да си купат и да си го заколат јагнето им е поевтино отколку да го купат месото в месарница.
„Се решив сам да си купам јагне од пазар, 25 килограми жива мера по 310 денари, платив 7.750 денари. Околу 40 проценти од јагнето се фрла и добив околу 15 килограми месо. Но и така е поисплатливо. Оти ако купев 15 килограми месо во месарница по најмалку 650 денари за килограм ќе платев 2.000 денари поскапо. На пазарот имаше нараснати јагниња над 40 килограми што се даваа по 280 денари за килограм жива мера, поевтини се поголемите, но нема кој да ги плати, жалосно за сточарите што им се случуваат вакви работи, им пораснаа јагнињата, останаа без пари и за нас граѓаните е скапо“, вели Пецо Ристевски од Битола.
Сопственик на месарница од Битола вели дека се обврзани да купуваат јагниња од кланица, и дека граѓаните постојано им реагираат на цената на јагнешкото месо, иако самите месарници од кланиците го зеле јагнето за 10 евра по килограм и заработката за нив била минорна.
Министерот Цветан Трипуновски во гостување на ТВ24 кажа дека во моментот е шпицот на откупот на јагнињата, и ако досега се откупени 120 илјади јагниња се очекува за Велигден да се откупат уште 8 до 10 илјади јагниња. Во Македонија во текот на целата година се откупуваат од 180 до 200 илјади јагниња.
Министерот вели дека го следат како министерство и откупот на јагнето што е со поголема тежина, па им испрати порака на овчарите.
„Ја користам можноста да ги поттикнам фармерите да се здружат во земјоделски задруги кои ќе имаат поволности и како сериозен фактор ќе можат да настапуваат и во делот на пазарите. Зошто да не формираат и своја фирма, кланица, за откуп на јагне“, рече министерот.
Тој информира дека пред Велигден е исплатена субвенцијата за шест месеци за предадено млеко во млекарница и дека исчистена е цела 2024 година околу субвенциите за предаден литар млеко. Најави дека во иднина нема да се доцни со субвенциите за сточарите.
Од годинава субвенциите за овчарите се зголемени, па субвенцијата за грло овца изнесува 3.000 денари, дополнително за литар овчо млеко субвенцијата е зголемена од 6 на 7 денари. За органско производство има дополнителна субвенцијата од 1.500 денари по грло. Има мерка за зголемување на основното стадо за 30 проценти, што значи зголемени 30 проценти субвенции.
На ваквата реторика на министерот, овчарите велат дека секојдневно се распродаваат стадата овци и стоката заминува за Косово.