Министерот Димитров бара Мизрахи да биде разрешена од функцијата поради непочитување на Уставот


Министерот за надворешни работи Никола Димитров најави дека ќе му предложи на техничкиот премиер Оливер Спасовски да достави предлог за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи поради тоа што таа вршејќи ја својата функција не го почитува Уставот на Република Северна Македонија.
– Не може министер во Влада да не го почитува Уставот и да не ја почитува заклетвата што Мизрахи ја дала при преземањето на функцијата, со која се обврзала дека ќе го почитува Уставот. Во овој случај има елементи и за кривична одговорносто согласно член 353 од Кривичниот законик, соопшти министерот Димитров, на денешната прес-конференција во Владата.

Димитров додаде дека Грција упатила вербална нота поради прекршување на Договорот од Преспа. Во неа е наведено дека е забележано грубо прекршување на Преспанскиот договор со менувањето на таблата во Министерството за труд и социјална политика од страна на техничкиот министер Мизрахи.

Тој оцени дека без целосно и доследно почитување на Договорот со Грција нема НАТО и ЕУ, а без членството на Република Северна Македонија во овие две организации нема стабилна и просперитетна иднина за нашата држава.
Неговата реакција следува откако Мизрахи во Министерството за труд и социјална политика ја врати таблата со старото име на државата.
Со овој потег, наведе Димитров, Мизрахи директно го загрозува Договорот од Преспа, кој ја гарантира иднината на нашата држава.
– Тешко е да се постигне ваков Договор, но лесно е тој да се урне. Многу е симптоматично што тоа го прави министер во ресор кој нема допирни точки со надворешната политика и со Договорот од Преспа, особено во техничка Влада чија што основна задача е да организира фер и демократски избори, додаде министерот Димитров.