Министерките „обезбедени“ како ретки појави


Министерката за одбрана Радмила Шекеринска има времен сертификат за да може да биде ефективна на функцијата, а чека постојан

Ниту една министерка нема да биде опфатена со претстојната владина реконструкција. Премиерот Зоран Заев објави вчера дека им се сигурни министерските места на Радмила Шекеринска, како вицепремиерка и министерка за одбрана на Рената Тренеска Дескоска од правда, на Мила Царовска од труд и социјална политика и на министерката без ресор Зорица Апостолска од редовите на НСДП, која е задолжена за привлекување странски инвестиции.

Одговарајќи на прашање на форумот посветен на двегодишнината од изборот на владата, Заев рече дека ќе нема реконструкција за жените во неговиот кабинет бидејќи, како што рече, се малку. Тој не кажа дали е можно бројката на министерки да се зголеми во новата влада и не излезе со поединечни оценки за тоа дали е задоволен од нивната досегашна работ бидејќи се малку. Но тој не кажа исто така дали можеби нивниот број ќе се зголеми со најавените владини промени.

Во изминатиот период во јавноста имаше шпекулации за можна смена на некои од министерките. Посебно се спомнуваше Дескоска, која претходно беше министерка за образование. Овој пат, во оптек беше можноста за нова ротација на Дескоска за Министерството за правда да се врати кај ДУИ, за што таа рече дека не планира да се шета низ ресори. Во сличен контекст се зборуваше и за можна смена на Царовска.

Претходно, Заев најави дека имињата на министрите што ќе заминат од функциите, како и на новите министри треба да бидат познати кон средината на овој месец. Со оглед на тоа што најави потемелни промени, проценките се дека веројатно ќе дојде до промена на повеќе од една третина од првичниот министерски состав, што ќе значи и повторување на постапката како за избор на нова влада.

Владата брои моментно 26 членови, вклучувајќи го премиерот Заев, од кои само четири се жени. (П.Р.)