Министерке, критичкото мислење не се учи со хемиски мензури

Не глаголат професорите за да си ги зачуваат работните места, туку за да ја зачуваат душата и да размислуваат за она што нѐ опкружува и од каде доаѓа! За сѐ друго - тука е ТикТок


Луѓе без критичка и морална свест – опасни за државата, генерации осудени на закржлавен морален и интелектуален развој продуцира новата концепција за гимназиско образование предложена од Бирото за развој на образованието и Министерството за образование, која ги маргинализира, односно како изборни ги квалификува предметите филозофија, етика и логика.

На ова предупредуваат стручните лица, професорите во средните училишта, институтите по филозофија и социологија, како и студентите од овие научни гранки. Долги писма со објаснувања и уште подолг список на потписници под тие писма се стигнати до првите луѓе на МОН, каде ќе треба да се запали сијаличката и пред воопшто да биде гласана концепцијата да биде длабоко преработена.

Расудувањето без морална свест и совест води кон многу страшни и деструктивни последици, а моралната свест без расудување не може да се примени, сметаат студентите по филозофија, а нив ги земаме како пример, затоа што сѐ уште не се експерти во областа, ниту средношколци кои бркаат одличен успех на полесен начин, па изразуваат задоволство од ваквите промени кои ги нуди власта. Тие се оние кои со ентузијазам влегле во проучувањето на филозофските, етичките и логичките постулати, за кои ќе биле осиромашени и можеби цел живот ќе чувствувале дека се неисполнети и нешто им фали, ако во средно образование не се беа сретнале со мислата на еден Сократ, Аристотел, Платон, Кант, Ниче, Декарт…

Можеби важноста на изучувањето на овие предмети системски и полно застапени најдобро ја поткрепуваат со тврдењето дека филозофија како предмет кој ги воопштува сите науки, сите мисли за светот, мислата за самата мисла, знаењето, вредностите и човекот воопшто, е важен и крупен предмет кој не може адекватно да се разбере ако неговото изучување се сведе на два часа неделно.

Тие стравуваат дека ваквиот недостоен однос може да има последици и за државата и нејзината безбедност воопшто, затоа што постои голема опасност да произведе луѓе без критичка и морална свест, а тоа е многу опасно за една држава, која прокламира дека ги цени демократските, слободољубивите и хуманите вредности и се стреми да стане дел од меѓународни организации во кои овие вредности се ставаат на највисоко ниво!

Министерката за образование Весна Јаневска, пак, е задоволна од бурната реакција на јавноста на оваа нивна одлука и потенцира дека концепцијата не е конечна, а во следниот период може да претрпи промени. Но, ако се знае дека со задоволна насмевка вели дека младите се на нивна страна, се насетува дека веќе одлучиле да не го послушаат разумот на искусните, туку да ѝ дадат крилја на младоста.

Оправданието дека на критичко размислување младите можат да се научат и преку решавање математички задачи, преку изведување хемиски реакции со мензури, течност од која излегува гас, односно користејќи се со методите на природните науки, всушност нѐ враќа искуствено на прапочетоците – да не речеме во камено доба – па, секој поединец на сѐ во животот да се научи самостојно, односно, повторно да го измисли тркалото, за да добие дозвола да учи како се управува со автомобил. Како да се надеваме на напредок, ако секој поединечно и секој за себе претставува сопствен свет. Кога ќе слушне за колективизам, ако егоцентрично му сервираме индивидуализам? (A, тоа е само една лекција во учебниците по етика).

Новата концепција како намерно да ги маргинализира сите општествени науки, а отсекогаш гимназиското образование се поврзувало токму со нив. Подоцна беа воведени математички и јазични гимназии, кои малку го сменија курсот кон „позанаетчиска“ патека.

Забелешки имаат и социолозите, чиј предмет социологија е заменет со граѓанско образование, а социологијата изборен предмет дури во трета и четвра година средно. Според нив, наместо да го осовременува и надоградува постојниот модел на социолошко и хуманистичко образование во гимназиите, нацрт-концепцијата го враќа како во времето на почетокот на осумдесеттите години кога социологијата во средните училишта и факултетите беше заменет со предметот марксизам и самоуправување. Концепцијата предвидува социјалните аспекти на развојот на учениците да се поттикуваат преу групни проекти, дебати и воннаставни активности, а не преку наука, предмети и диспиплини од различните општествени и хуманистички области.

Ако намерата и е да се промовираат и поддржат вештините и знаењата на младите генерации на природните науки, тогаш тоа нека не се прави за сметка на општествените. Тоа што ќе се инсистира на математика, хемија, физика, биологија, нема веднаш, првата генерација ученици по новата концепција да ги направи врвни инженери, технолози, лекари – туку само практичари без или со недоволно методолошки изградено критичко мислење. Тие ќе пресметуваат за да докажат – нема да размислуваат за да покажат.

Ако пак намерата е да ги подготвиме новите генерации за компјутерски, дигитален свет, свет во кој вештачката интелигенција сѐ повеќе ќе го зазема приматот, тогаш сме тргнале на многу погрешен пат. Денешниве деца тоа веќе го сфатиле и нѐ надминале нас повозрасните за неколку нивоа. Наше е да им дадеме и да им ја однегуваме душата. Да не ни звучат децата како што звучи ВИ кога ви го чита текстот што сте го нарачале. Секој од нас што прочитал таков текст, изгледал видео продуцирано од вештачка интелигенција или погледнал таква фотографија, во неколку секунди забележал дека „нешто“ фали. Тоа е таа душа, која се негува со филозофија, со етика, со уметност, со музика, а концепцијата ги застапува со еден час неделно. Таман за да си помислиш: „Со ова ли ќе се занимавам?“

И не, министерке, не глаголат професорите за да си ги зачуваат работните места, туку за да ја зачуваат душата! За сѐ друго – тука е ТикТок!