Министерката за одбрана поднела тужба против Ковачки, ќе бара постапка отворена за јавноста


Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска изјави дека поднела тужба против пратеникот Драган Ковачки, кој во вторникот на собраниска седница посветена на пратенички прашања изнесе серија обвинувања против Петровска и АРМ. 

„Сѐ што Ковачки досега изнесе е невистина. Можеби можам да најдам оправдување за нападите врз мене, но не можам да најдам објаснување и оправдување за нападите врз неговите поранешни колеги, припадниците на Армијата, кои одбрале да ја задржат униформата и да работат за интересите на државата“, истакна министерката Петровска.

Таа на денешната конференција одговорајаќи на новинарско прашање рече дека против него поднела тужба, за чиј процес ќе бара да биде отворен за јавноста.

„Како министерка за одбрана имам морална и секаква обврска да се спротиставам на се што беше кажано од него. Да ги обвините вашите поранешни колеги дека крадат, дека биле уапсени, дека нанесуваат штета на угледот на државата, од денес натаму немам намера да одговорам на ниедно негово прашање, затоа што не заслужува внимание. Во оваа папка се крие товарот на неговото минато, кој што длабоко го боли, јас не сум дел од неговото минато, тоа што тој го правел е негова одлука и за тоа треба да си ги сноси последиците. За жал оваа папка е класифицирана, но еве го поттикнува, нека каже сам“, изјави Петровска.

Драган Ковачки е поранешен полковник од АРМ, а од неодамна пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ.