Министерката за култура во Стоби: Американски грант за конзервација на Теодосијанската палата
Со грант од филантропската организација од САД „Џ. М. Каплан Фонд“ во висина од 300.000 американски долари, ќе се конзервира Теодосијанската палата во археолошкиот локалитет Стоби. Како што соопшти Министерството за култура, проектот опфаќа и едукативни работилници за професионалци од областа на конзервацијата, археологијата и менаџментот со културно наследство. Во наредните три години НУ „Стоби“ ќе го реализира проектот во соработка со фондацијата „Балканско наследство“ од Софија.
– Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната работна посета на Стоби се запозна со динамиката на овој значаен проект, кој претставува продолжение на одличната соработка со американската фондација која минатата година обезбеди средства за изработка на Генералниот план за заштита на археолошкиот локалитет Стоби, прв документ од ваков вид во нашата држава. Во Националната установа „Стоби“ годинава со 9,4 милиони денари, преку Годишната програма на Министерството за култура, ќе се реализираат други 14 проекти, преку кои ќе се истражи, заштити, презентира и промовира еден од најзначајните споменици на културата од римската и од доцноантичката епоха на овие простори, информира Министерството за култура.
Директорот на НУ „Стоби“, Спасе Перовски, информираше дека во април ќе почне археолошко-истражувачката дејност на локалитетот и ја запозна министерката за култура дека годинава стручните екипи ќе работат на неколку важни проекти, меѓу кои и конзервација и реставрација на сегменти од Стоби; конзервација, реставрација, реконструкција и археолошки доистражувања на Римскиот театар; како и археолошки доистражувања и конзервација на фрескоживописот и на архитектонските делови на Старата епископска базилика.
-Ќе се изработуваат и основни проекти за конзервација и реставрација на зачуваните мермерни елементи од гледалиштето на театарот, како и основните проекти за конзервација и реставрација на керамички и стаклени садови, како и на метални предмети од збирката, а ќе се набавува и опрема за потребите на конзерваторската лабораторија, наведува Министерството.
Директорот Перовски, исто така, ја информираше министерката Костадиновска-Стојчевска за другите меѓународни проекти кои ги реализира оваа национална установа, меѓу кои е и грантот во рамки на ИПА-програмата за меѓугранична соработка со Килкис од Република Грција. Преку овој проект делумно ќе се обезбедат средства за формирање центар за посетители во старата железничка станица во Стоби, паркинг за посетители и поставување на фотоволтаични панели.
-Перовски информираше и за грантот од Европската комисија, во рамки на Проектот за соработка и дисеминација преку имерзивно раскажување на културното наследство во Западен Балкан. Преку овој проект, кој НУ „Стоби“ го реализира со шест други институции од регионот, како што рече Перовски, ќе се понуди ново туристичко искуство на локалитетот,. Костадиновска-Стојчевска за време на посетата ги поздрави напорите на НУ „Стоби“ за вклучување на модерните технологии во презентација на културното наследство и посака што поголем интерес за првата виртуелна апликација, која овозможува виртуелно патување во минатото на Стоби и доживување на гладијаторските перформанси кои се одвивале на овој локалитет. Апликацијата, што ја изработи „БЛИНК 42-21“, во соработка со НУ „Стоби“, беше дел и од потесната листа на најдобри иновации на глобално ниво за 2021, соопшти Министерството за култура.