Министерката за култура на средба со Иницијативата „Аудиција СЕГА!“
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и претставниците на „Аудиција СЕГА!“ на денешната средба се договорија Министерството да формира работна група составена од професори од државни и приватни факултети и академии, членови на СКРМ, националните театри и центрите за култура за изготвување стратегија за отворање на нови работни места, поголема транспарентност и креирање електронска база на дипломирани театарски работници.
„Аудиција СЕГА!“ е иницијатива во која членуваат невработени актери, режисери, драматурзи, продуценти.
Министерството за култура соопшти дека изразува подготвеност да учествува во подготовката на документите на националните установи со кои ќе се овозможи ангажирање на минимум еден невработен актер во зависност од обемот на претставата, на отворени кастинзи за секоја претстава, како и минимум еден режисер во годишните програми на институциите.
Претставниците на „Аудиција СЕГА!“ со министерката Костадиновска-Стојчевска ја отворија и темата по барањето за вработување на најмалку 60 отсто од дипломираните кадри.
Беше договорено иницијативата да се вклучи во процесот на изготвување на следниот Годишен конкурс во делот на ревидирање на критериумите и приоритетите за бодување и оценување на проектите.
Исто така, како што соопштија од Министерството, на средбата беше договорено иницијативата „Аудиција СЕГА!“ да е дел и од работните групи што ќе работат на претстојната четиригодишна Стратегија за култура, како и на Законот за јавен интерес во културата.