Министерката за култура ќе чека да се утврди одговорност пред да го разрешува Азири


Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, ќе чека евентуално утврдување на кривична одговорност за државниот секретар во министерството за култура Валмир Азири, па потоа , како што вели ќе следува соодветно решение.

Во пратеничко прашање од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ , Антонијо Милошоски, дали министерката ќе бара разрешување на владиниот функционер поради говор на омраза и повици за насилство, Костадиновска-Стојчевска посочи дека не оправдува никакви облици на насилство.

„Не оправдувам насилство и додека сум министерка секаде каде што можам ќе го спречам. Не го оправдувам ниту вашето насилство кон моите колешки вчера. За прашањето за државниот секретар, вие поднесовте пријава и доколку  надлежните органи кои треба да постапат по вашата пријава утврдат кривично дело, според истото ќе биде донесено соодветно решение“,изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Милошоски не беше задоволен од одговорот и порача дека министерката со тоа што не бара разрешување на Азири наместо да превенира говор на омраза, станува пасивен поттикнувач.

„Кога државен секретар во министерство за култура , каде очекуваме луѓето да бидат поплеменити, јавно пишува и повикува на кршење на раце и нозе на тие што не мислат како него, Министерството за култура губи на репутација со таков човек. Со тоа што ќе предложите негово разрешување, кое можеби и нема да биде прифатено, вие добивате на репутација. А ако вие штитите човек што повикува на говор на омраза, вашето министерство губи на репутација. И наместо да се превенира на некој начин сте пасивен соучесник“, изјави Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера Милошоски поднесе кривична пријава против Азири, а пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ испрати писмо до премиерот Ковачевски со барање за разрешување од функцијата во министерството за култура.