Министерката за култура ги посети националните установи во Струга


Со 2,3 милиони денари, средства од Министерството за култура ќе се осовременува постојната природонаучна поставка во музејот „Д-р Никола Незлобински“, кој е еден од најстарите во Југоисточна Европа.

Министерството за култура соопшти дека за Музејот во Струга се обезбедени средства и за третата фаза од обновата на музејските депоа, како и за презентација на ранохристијанските мозаици од базиликата во селото Октиси од 5 век во новоизградениот објект – Конаци.

Тема на денешната посета на националните установи во Струга, на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, според соопштението, биле тековните активности и предвидените проектите, но и проблемите со кои се соочуваат во текот на своето работење.

-Двојно се зголемени буџетските средства за финансирање проекти во сите дејности во центарот за култура „Браќа Миладиновци“, при што се предвидени средства и за целосна реконструкција на платото пред установата, односно пред влезот на Летната сцена. Со два милиони денари ќе се реконструираат покривот и фасадата на спомен домот „Браќа Миладиновци“, каде што се наоѓаат работните простории на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“, соопшти Министерството за култура.

За 61. издание на еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали, годинава се издвоени десет милиони денари, а на Светскиот ден на поезијата ќе биде соопштен и лауреатот на СВП за 2022 година, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“.