Министерката за финансии против корекција на курсот на денарот


Фото: Б. Грданоски

Министерката за финансии Нина Ангеловска најавува низа мерки за сузбивање на сивата економија.

– Единствено кога губи сивата економија, добиваат сите. Покрај надградување на проектот „Мој ДДВ“, ќе има и други мерки. Тука повторно ќе ја посочам технологијата како клучно средство за постигнување на таа праведност и ефикасност. Следете што работам, ќе има промени, зашто секогаш сè може подобро. Во Министерството се прават анализи кои ќе покажат какви се ефектите на одделни мерки. Оние за кои проверките ќе покажат дека можеби не ги даваат очекуваните резултати и не ги остваруваат зацртаните цели, ќе се менуваат – вели Ангеловска.

На прашањето дали Владата и Народната банка ќе се одлучат за корекции на фиксниот курс на денарот, како непогоден за извозните компании, Ангеловска одговара дека каква било промена на стабилниот курс на денарот во однос на еврото би значела загуби за економијата во целина.

– Одвреме-навреме се јавуваат извозници и експерти што одново го отвораат прашањето за курсот на денарот барајќи промени поврзани со основното монетарно сидро. Тоа можеби би довело до краткорочно стимулирање на извозот, но ќе предизвика ценовни притисоци, неизвесен амбиент, а со тоа и нарушување на вкупната макроекономска стабилност – нагласува министерката за финансии.

Таа посочи исто така дека веќе се работи на сет закони за натамошна либерализацијата на пазарот на платежни услуги, за зголемување на заштитата на депонентите преку натамошно јакнење на супервизијата над банките и за стимулација на пазарот на капитал.