Министерката за финансии мисли дека цел Западен Балкан треба заедно да влезе во ЕУ


Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска (Фото: Б. Грданоски)

 

Некоја земја да не оди побрзо од некоја друга на патот кон ЕУ, туку сите заедно од Западен Балкан треба да станат членки на Унијата. Вака го претпочита патот на државите од регионот министерката за финансии Гордана Димитриеска—Кочоска.

Нејзините желби изгледаат поинаку од ставовите на Брисел дека само мерит системот и подготвеноста на поединечните земји го одбележуваат патот за пристапување. Тоа денеска и при сослушувањето во Европскиот парламент го кажа новата еврокомесарка за проширување Марта Кос, која рече дека очекува за време на нејзиниот мандат Црна Гора да ги заврши преговорите, а Албанија да биде при крај. Македонија треба да ги9 направи уставните измени за да продолжи понатаму.

Димитриеска-Кочоска денеска во Брисел говореше на панелот „Проширување на Европа: По која цена и со каква структура?“ во рамки на Конференцијата „Гласови, избори и лидерство: Пресвртна точка за Европа?“ во организација на тинк-тенкот „Пријатели на Европа“. 

Во разговор за МИА со нејзиниот дописник од Брисел таа рече дека на панелот биле изнесени различни размислување од страна на говорниците, при што некои се залагале за постепено проширување на ЕУ, а дури пак се изјасниле дека е важно приемот на нови членки да се врши врз системот на заслуги. 

„Некогаш ние бевме лидери во регионот во однос на исполнување на обврските, а денес имаме еден проблем, проблемот со Бугарија и како резултат на тој проблем, го поставив прашањето како ќе го калкулираме или како ќе мериме согласно системот на заслуги. Затоа тоа е нешто што треба да стои на страна и понатаму да се разговара, но приемот треба да биде заеднички на сите земји од Западниот Балкан, особено што станува збор за прашање коешто не можеме да го измериме и да кажеме дали Македонија направила сѐ што треба или не направила“, вели Димитриеска-Кочоска. 

Во однос на Планот за раст на регионот, таа нагласи дека Министерството за финансии ја подготвило комплетната потребна документација и нашиот договор за Инструментот за раст и реформи е испратен до Европската комисија, по што сега се чека одговор дали е прифатлив во таква форма. 

Димитриеска-Кочоска посочи дека во Рамки на планот на раст земјава треба да добие над 50 милиони евра во форма на предфинансирање, но дека исплатата е одолговлечена затоа што Србија поставила дополнителни прашања во однос на нејзиниот договор.