Министерката за финансии ќе се сретне со сметководителите и Институтот на овластени сметководители
Во текот на денот треба да се одржи состанок со претставници на сметководителите и Институтот на овластени сметководители со цел да се надмине проблемот што се јави откако дел од сметководителите останаа без лиценци за работа.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска во изјава за медиумите го најави состанокот.
– Денеска ќе имаме состанок со одредена група од сметковидители и од претставници на Институтот на овластени сметковидители и ќе видиме што ќе се случува, изјави Димитриеска-Кочоска.
Од Институтот за овластени сметководители излегоа со информација дека до крајот на јануари, вкупно 4767 сметководители и овластени сметководители во земјава, навремено и уредно ги исполниле законските обврски и се стекнале со право на потпишување на годишни сметки и се внесени во базата на податоци на Централниот регистар.
– Ваквата висока бројка јасно покажува дека речиси сите професионални сметководители во земјата доследно ги почитуваат своите законски обврски, односно навремено и точно ги ажурираат своите податоци, ги имаат исполнето законски утврдените часови за континуирано професионално усовршување и редовно и во целост ја платиле предвидената законска членарина, наспроти малиот број поединци кои и покрај сите укажувања и опомени не ги исполниле овие свои законски обврски, велат од Институтот.