Министерката за финансии Ангеловска на „Еуромани“- најголемиот финансиски форум во ЦИЕ


Фото: Б. Грданоски

Mинистерката за финансии Нина Ангеловска ќе учествува на еднa од најголемите годишни конференции во Централна и Источна Европа (ЦИЕ) од областа на финансиите. Станува збор за Форумот на „Еуромани“, кој по 25-ти пат се одржува во Виена, Австрија. Повеќе од илјада учесници – министри за финансии, гувернери на централни банки, раководители на финансиски институции и инвеститори учествуваат на Форумот.

Министерката за финансии ќе учествува на Панелот на министри, на кој ќе бидат дискутирани влијанието на евроинтеграциите на бизнис климата во земјите и на потенцијалните инвеститори, економските движења, како и потенцијалот на е-трговијата да придонесе во развојот на економијата. Покрај министерката за финансии, на панелот ќе учествуваат и министерот за финансиски политики на Унгарија Габор Гион, министерот за финансии на Романија Флорин Читу и заменик министерката за финансии на Бугарија Маринела Петрова.

Ангеловска, исто така, ќе учествува на панелот организиран од страна на Уникредит на тема „Фискални предвизици во изборна година“, на кој ќе се зборува за јавните инвестиции, за наплатата на приходи, како и за фискалните проекции.

На маргините на Форумот, Ангеловска ќе оствари средба со Јирген Ригтеринг, прв потпретседател на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). На средбата ќе стане збор за досегашната соработа на земјава со банката, за тековните проекти, како и за идни проекти кои ЕБОР би можела да ги финансира.

Инаку „Еуромани“, поради форматот и големиот број на учесници е еден од најважните настани од економијата и финансиите во регионот на ЦИЕ и претставува одлична можност за средби помеѓу носителите на политиките, како и претставниците на банкарскиот сектор, учесниците на финансиските пазари и инвеститорите.