Министерката за екологија го пофали Прилеп за селекција на отпадот


 

Зборувајќи за „Цивилмедиа“, министерката за животна средина, Каја Шукова, го посочи Прилеп како позитивен пример за селекција на отпадот во домаќинствата. На прашањето на „Цивил“: „Кога конечно ќе се воведат регулативи за селекција на отпадот од страна на секое домаќинство?“, Шукова одговара:

„Законски се поставени. Од нашите сознанија само Општина Прилеп работи по ова прашање. Јас апелирам до сите да го следат нивниот пример, бидејќи ова не е од скоро, тие неколку години наназад успешно го спроведуваат селектирањето. Во нашите закони постои опцијата, надлежноста е локална. Треба да се постават посебни контејнери, со различна боја во кои точно се знае што ставате од отпадот. Она што ние како држава можеме да помогнеме е од надоместокот за најлонски кеси што го собравме оваа година, ќе распишеме јавна набавка за отприлика 7.000 контејнери со големина 1,1 метар кубен и да ги поделиме на сите општини, согласно нивната големина и бројот на жители.

Има изолирани примери низ годините каде општините се обидуваат да направат примарна селекција на отпадот. Она што е добро што колективни постапувачи се тие што ќе го соберат и транспортираат отпадот што ќе биде собран во овие контејнери“.