Министерката Тренчовска го обвини владиката Петар дека шири богохулие
Владиката ја шокираше јавноста со неговата изјава дека родовата еднаквост е погубна идеологија, Тренчевска му одговори дека ова не е време на инквизицијата
Владиката Петар вели дека родовата еднаквост била отровна идеологија, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, му одговори дека шири богохулие и се обидува да ја врати инквизицијата.
Митрополитот Преспанско-пелагонсики многу често е крајно контроверзен во своите изјави и тој го претставува најконзервативното крило во МПЦ-ОА. Но неколку реченици во неговото Велигденско послание вчудоневидеа огромен број и верници и неутрални.
„На нашето општество молскавично му се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост. Оваа идеологија, односно манипулативна терминологија е богохулна, противприродна, изопачена, Господ ги создаде машко и женско и сè друго изменето, поинакво и поразлично од божјото создание е ненормално, а со тоа и неприфатливо“ рече владиката Петар. Тој жали што жените не се веќе домаќинки бидејќи до тоа довел феминизмот, па со еманципирањето дошле и разводите.
На ваквите жестоки обвинувања министерката Тренчовска преку својот Фејсубук профил му одговори на владиката Петар дека „богохулие е отровот што го пушташ и со кој навредуваш и понижуваш 51 отсто од популацијата. Не си ги разбрал поимите, но и времето во кое живееме. Не е време на инквизиција, владико. Живееме во демократија. Во време кога можеби не секоја жена е гласна, храбра, но оние гласните и храбри се борат за родова еднаквост. За своите права и правата на секоја друга жена. За правата на секој поединец во општеството“. Таа уште додава дека жената не бара повеќе права, туку исти права а „ти тоа со твоите ретроградни ставови, со понижувањата и омаловажувањата кон жената не можеш да го разбереш“.