Министерката Стефоска предупредува: Градбите на брегот не смеат да му се повторат на Охридското езеро


Фото: Б. Грданоски

Министерката за култура Ирена Стефоска упати јасна порака дека дивоградбите никогаш повеќе не смеат да му се повторат на градот под заштита на УНЕСКО и потсети дека градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски во краткиот мандат успеа да урне голем дел од нив

Предупредувањето од Стефоска доаѓа откако кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков на граѓаните им вети дека повторно ќе се издаваат концесии за плажите како објекти, а не само како урбана опрема.

-Kако претседателка на Националната комисија за УНЕСКО сакам да потсетам дека оние градби на брегот и оние платформи во вода не смеат да му се повторат на Охридското езеро. Туризмот воопшто не зависи од постоењето на такви објекти, напротив. Одамна не сме го виделе толку чисто најубавото и најстарото ејзеро во Европа. Градоначалникот Константин Георгиевски со огромен ризик и под голем притисок сепак ги урна објектите кои од година во година стануваа сè поголеми. Тие не само што го сардисаа брегот, не само што го загадуваа езерото, туку ја загрозија и егзистенцијата на угостителите кои ги почитуваат правилата. Ветувањето дека повторно ќе се издаваат концесии за плажите е злосторство во најава кон Ејзерото ! Планот за управување со Охридскиот регион предвидува издавање на концесии за некои плажи, но само со урбана опрема, а не како објекти, предупреди министерката.

Таа се обрати и до своите сограѓани во Охрид да не дозволат да се повтори злосторството врз охридското крабрежје.

-Охриѓани мои, со предизборна леснотија ни даваат ветувања кои потоа стануваат наша  заедничка беља. Затоа, опулете се кој зборвит и уш појке шо зборвит. Да не биде потоа – проштавајте, не знаевме, објави денеска министерката Стефоска на својот Фејсбук профил.