Министерката Шахпаска во Сараево на форум за интеграција на Ромите


Недела неработен ден e реалност, вели министерката Јагода Шахпаска

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска учествуваше на  министерски состанок за интеграција на Ромите во Сараево и порача дека процесот на инклузивноста дава резултати во образованието, вработувањето и домувањето.

Состанокот е во организација на Министерството за човекови права и бегалци на Босна и Херцеговина и Регионалниот совет за соработка учествуваат министрите од Западен Балкан кои се одговорни за интеграцијата на Ромите, а преку видео порака се обратија и Оливер Вархеи, комесар за проширување на Европската унија, како и Михаел Рот, германски државен министер за Европа.

„Изминатиов период, од Самитот на лидерите на Западен Балкан во Познањ во јули 2019, па сѐ до денешниот состанок се покажа како еден од најпродуктивните периоди на регионално ниво, кога е во прашање унапредувањето и интеграцијата на Ромите. За Република Северна Македонија ова беше период кога на дневна основа се работеше на сите горливи теми кои се поврзани со интеграцијата на Ромите – образованието, вработувањето, домувањето, регулирање на матичната евиденција… Кога работиме заедно, кога имаме меѓусебна поддршка, кога споделуваме искуства резултати мора да има“, нагласи министерката Шахпаска.

На панелот, на кој се дискутираше за напредокот на секоја земја и за исполнувањето на преземените обврски од претходниот министерски состанок во Албанија, министерката Шахпаска информираше дека Република Северна Македонија има постигнато голем напредок во делот на предучилишното образование во кое бесплатно се вклучени 400 деца Роми во јавните градинки, додека за средношколците и студентите Роми се поделени 700 стипендии. Истовремено, таа нагласи, дека преку конкретни проект се работи на задоволување на потребите на Ромите за обезбедување соодветни услови за домување.

-Паралелно интензивно работиме и на креирање и имплементација на активни мерки за вработување со кои се таргетирани и Ромите, со цел и оние што се со пониско ниво на образование да ги вклучиме на пазарот на трудот. Си поставивме задача да развиеме Програма за трансформација на непријавената работа кај Ромите, со цел до крајот на 2025 година да ја намалиме непријавената работа од 39 на 25 проценти, порача министерката Шахпаска.

Преку ИПА 2 програмата започна проектот за измена на генералните и деталните урбанистички планови во пет општини со доминантно ромско население, по што 170 индивидуални куќи и живеалишта на ромски семејства ќе бидат реновирани или реконструирани. Интеграцијата на Ромите мора да биде сеопфатна што значи дека со процесот на зелена агенда и на дигитализација, на кој како држава интензивно мора да бидат опфатени и овие граѓани. Затоа веќе работиме на конкретни проекти за зголемување на пристапот кон дигиталните средства и дигиталната писменост, додаде Шахпаска.

На министерскиот состанок учествуваа министрите надлежни за социјални прашања од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово и Албанија, како и директорот на Канцеларијата за иницијативи за Ромите на Фондацијата Отворено општество.

На крајот на состанокот беа усвоени заклучоци за натамошниот процес на интеграција на Ромите, кои се очекува да бидат поддржани на Самитот на лидерите на Западен Балкан во рамките на  Берлинскиот процес, што ќе се одржи на 5 јули, во Берлин, Германија.