Министерката Божиновска ја иницира мрежата на македонски експерти, средба со Ангела Попова


Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со почна значајна иницијатива насочена кон поврзување со истакнатите македонски професионалци во областа на енергетиката и рударството, кои моментално прават значаен напредок во странство, информираат денеска од Министерството.

Во оваа насока, додаваат, министерката Божиновска остварила средба со Ангела Попова, истакната млада инженерка.

-Ангела е електроинженер со магистерски студии по електроенергетика (M. Sc) на Техничкиот универзитет во Минхен, каде што ги продолжува и своите докторски студии. Нејзиното истражување е фокусирано на пренос на електрична енергија преку високонапонски системи, при Катедрата за пренос и дистрибуција на електрична енергија на истиот универзитет. Таа активно учествува во меѓународни проекти и претставува силен глас на новата генерација македонски инженери кои својата експертиза ја применуваат на европско тло, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

На средбата, Божиновска и Попова размениле идеи за потенцијалната соработка, важноста на поврзаноста со нашите експерти во странство и начините на кои тие може да придонесат за трансфер на знаење, консултативна поддршка и отворање нови можности за институционална и деловна соработка.

Оваа средба, како што се нагласува во соопштението, претставува прв чекор во иницијативата на Министерството за воспоставување официјална мрежа на македонски експерти во областа на енергетиката и рударството, која ќе биде основа за систематска соработка, размена на информации и пристап до најновите трендови и технологии во секторот.

 

-Поврзувањето со нашите талентирани сограѓани во странство е клучно за зајакнување на нашиот енергетски сектор и поттикнување на иновациите. Преку соработка со нашите угледни инженери и професионалци, можеме да ги искористиме нивните знаења и увиди за подобрување на нашите стратегии и цели за развој во Македонија, истакнала министерката Божиновска.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини велат, оттаму, е цврсто посветено на градење на оваа мрежа и отворање канали за комуникација и соработка со нашите професионалци надвор од земјата. Оваа платформа треба да придонесе за побрз развој на секторот, заснован на знаење, иновации и глобални искуства.

-Ги повикуваме сите македонски професионалци во странство кои се активни во областа на енергетиката и рударството да стапат во контакт со Министерството и да станат дел од оваа мрежа.Исто така, доколку познавате некој истакнат експерт – колега, пријател, професор или истражувач – ве охрабруваме да ни испратите информација (име, институција, поле на дејствување), а ние ќе се погрижиме да воспоставиме контакт, нагласуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини

Контакт информации и официјалните адреси се достапни на веб страницата на Министерството www.ea.gov.mk .