Министерката Божиновска и заменикот-министерот Димитровски на Делфи-економскиот форум во Грција


Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, ќе учествуваат на панел-дискусии на 11. Економски форумм што од 22 до 25 април ќе се одржи во малиот планински град Делфи во централна Грција – јави дописничката на МИА од Атина.

Форумот, што традиционално секоја година се одржува во април оваа година, е со наслов „Шокот на новото“, а ќе учествуваат 1.200 говорници, од кои 760 се од Грција, 440 од странство, а планирани се над 200 дискусии. 

На прес-конференцијата во Атина во пресрет на форумот, основачот и претседателот на Делфи-форумот, Симеон Цомокос, и потпретседателот Јанис Томатис ги презентираа деталите за годишната конференција, која ќе опфати пет тематски целини: геополитика и меѓународна безбедност; климатска криза и енергетика; одржлива економија и развој; технологија, како и луѓето и општеството.

Форумот свечено ќе го отворат претседателот на Грција, Константинос Тасулас, претседателот на Естонија, Алар Карис, и принцот Алберт од Монако, а на четиридневната конференција ќе учествуваат и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, грчкиот премиер Кирјакос Мицотаки, премиерот на Албанија, Еди Рама, европската обвинителка Лаура Ковеши, претставници на ЕУ, министри за надворешни работи, како и министри од грчката влада.

Како и секоја година, така и сега, во фокусот ќе бидат и Западен Балкан и проширувањето на Европската Унија со земјите од регионот, а на првиот ден од форумот на оваа тема ќе дискутираат шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис, заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа, првиот вицепремиер и министер за надворешни работи и дијаспора на Косово, Глаук Коњуфца, министерот за европска интеграција на Србија, Немања Старовиќ, заменик-министерот за ЕУ на Црна Гора, Иван Иванишевиќ, и амбасадорот на Босна и Херцеговина во Грција, Драган Вуковиќ.

Енергетиката е уште една од темите кои се нераскинлив дел од форумот во последните години, а на една од панел-дискусиите ќе учествува министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заедно со министерот за енергетика на Бугарија, Трајчо Траиков, специјалниот пратеник за енергетска интеграција од Министерство за енергетика на САД, Џошуа Волц, претседателот и извршен директор на групацијата Aktor и извршниот директор на Atlantic SEE LNG Trade, Александрос Ексарху.

– Форумот ќе се фокусира на клучните области: од геополитиката на енергијата и создавањето нови преносни мрежи до зајакнувањето на меѓусебното поврзување во Југоисточна Европа. Посебен акцент ќе биде ставен на градење отпорни енергетски системи, кои обезбедуваат стабилност против идните предизвици и кризи – соопштија организаторите во однос на темите поврзани со енергетиката.

Делфи-економскиот форум е независна, непрофитна организација со меѓународен карактер, каде што секоја година се среќаваат престижни личности од економијата, политиката и академската заедница, а целта е да се прикаже реална рамка на цели и активности, да се бараат политики за справување со глобалните предизвици и да се најдат соодветни решенија за сложените прашања, како и да се промовираат иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст за Европа и поширокиот регион на Источен Медитеран.