Министерката Ангеловска знаела што се случува во Еуростандард банка, вели екс-гувернерот Гошев


Фото: Б. Грданоски

Министерката за финансии како член на Комитетот за финансиска стабилност во кој членува по службена должност имала пристап до информациите за состојбите во финансискиот систем вклучувајќи ја и Еуростандард банка, изјви денес во интервју за ТВ 24 поранешниот гувернер и министер за финансии Петар Гошев. Тој смета дека Ангеловска ја злоупотребила својата положба и наместо да се грижи како да се спаси банката, се грижела за своите пари во неа.

„Јасно е дека ги извлекла тие пари, јасно е дека можела да има информации за состојбата на банката, за она што ја очекува банката, затоа што министерката е член на Комитетот за финансиска стабилност. Таков Комитет е формиран кога јас бев гувернер и на седниците на тој комитет се расправаат слабите точки на финансискиот сектор, во случајов во банкарскиот. И таа дефинитивно имала информација за тоа што може да ѝ се случи на оваа банка и таа како што гледаме пред два месеци ги извадила тие пари“, изјави Гошев.

Тој вели дека во моментот на вадењето на нејзините пари немало формална забрана депонентите да ги извлечат парите, но овде има искористување на положбата.

„Ако нема кривично дело врз основа на закон, во секој случај овде има голем, голем етички проблем од страна на министерката, но за жал во државната администрација партиите ‘котат’ луѓе со многу низок етички капитал“, вели Гошев.

Ангеловска во средата, на 12 овој месец, кога Народната банка ја одзеде дозволата на Еуростандард банка, преку реакција од Министерството за финансии истакна дека промените се направени пред подолг период и дека „јасно може да се увиди дека немаат никаква поврзаност со денешната објава на Народната банка“. Таа на овој начин ги демантираше тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ од каде што се повикуваа на нејзиниот анкетен лист доставен до Антикорупциската комисија.

Од Антикорупциската комисија за медиумите изјавија дека министерката лани во септември во првиот анкетен лист пријавила 250.000 евра во Еуростандард банка. Прво, на крајот на јануари годинава во анкетниот лист пријавила дека повлекла околу 130.000 евра за купување удели во инвестициски фонд. Последната промена е направена на 24 јуни, кога, како што објаснија антикорупционерите, повлекла девизни и денарски средства со кои министерката купила стан кој е пријавен во анкетниот лист.

Бизнисменот Трифун Костовски, пак, кој е еден од акционерите во Еуростандард банка, вчера на прес конференција истакна дека министерката Ангеловска била стар клиент на банката.

„Не ја ставајте во овој вител министерката за финансии, Нина Ангеловска бидејќи таа е стар клиент на банката“, рече тој одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека сепак од банката последните месеци имало повлекување на средства но дека станува збор за сценарио коешто е правено со месеци наназад, и како што рече, „за никој да не знае, само блиски до тие кругови во Народна банка на време биле известени да си ги повлечат парите“, не отркивајќи за кои бизнисмени и лица станува збор.