Министерката Ангеловска и дополнителната заменичка Димитриеска-Кочоска во клинч за капиталните инвестиции и за платите


Фото: Б. Грданоски

Различното толкување на исти податоци денеска повторно ескалира во Министерството за финансии, откако дополнителната заменичка Гордана Димитриеска-Кочоска реагираше на изјавите на министерката Нина Ангеловска за реализацијата на капиталните инвестиции и за (не)навремената исплата на платите за вработените во градинките и образованието.

„Веќе подолго време Нина Ангеловска се фали со реализацијата на капитални инвестиции од 78 отсто за 2019 година, а тоа значи шминката на податоци и понатаму продолжува“, рече таа обвинувајќи ја Ангеловска дека не знае што се случува во трезорот на министерството и дали се исплатени плати за вработените во градинките и образованието. Димитриеска-Кочоска додава дека е недозволиво министер за финансии да не е запознаен дали има пуштено налог во трезорот за исплата на плати.

Министерката Ангеловска, денеска, по увидот во градежните активности за изградба на корзото во Општина Ѓорче Петров, одговарајќи на прашања на новинарите рече дека реализацијата на капиталните инвестиции во 2019 година е во рамките на просекот во изминатите 10 години или нешто над просекот, а јавниот долг е стабилизиран. Ако се вклучат и проектите кои што се реализираат преку Јавното претпријатие за државни патишта кое имаше реализација од над 85 проценти, тогаш вкупната реализација на капиталните инвестиции е над 80 отсто што е во рамки или над просекот во изминатите 10 години, рече таа.

На прашањето зошто не се исплатени платите во образованието и градинките, таа одговори дека не и познато дали е пристигнат налог за исплата до трезорот и дали е реализиран, додавајќи дека Буџетот е ликвиден и непречено се процесуираат сите барања од институциите.

Наспроти ова, техничката заменичка Димитриеска-Кочоска вели дека реализацијата на капиталните инвестиции вештачки се зголемува.

„За да може да прикажат некаква капитална инвестиција и вештачки да го зголемат процентот на капиталните инвестиции, Владата на седница одржана на 16.12.2019 година, разгледувала и донела – Одлука за одобрување на средства од Буџетот за 2019 година, за купување на делот на ГА – МА АД Скопје во износ од преку 2 милијарди денари или 33 милиони евра, средства кои ги исплати на 30.12.2019 година и тоа кон Национални енергетски ресурси – НЕР. Со оваа постапка јасно е дека реализација на капитални инвестиции нема, а средствата се ненаменски алоцирани“, вели Димитриеска-Кочоска додавајќи дека без оваа трансакција, капиталните инвестиции во однос на основниот Буџет за 2019 година би изнесувале 60,81 отсто. (Н.В.)