Министерката Ангеловска даде отчет за сработеното преку Фејсбук


Значајно зголемената транспарентност преку новата алатка капитални расходи, отворањето на трезорот на државата за јавноста со алатката Отворени финансии, овозможување јавноста да се запознае со јавниот долг преку разбирлива и точна информација, се дел од мерките со кои денес преку видео обраќање се поали Министерката за финансии Нина Ангеловска за сработеното во изминатите 10 месеци.

Во видеото кое го објави денес на својот Фејсбук профил таа вели дека почнале со многу силно темпо, а КОВИД-19 кризата донела уште посилно темпо и турбулентен период.

Во споделената објава посочува дека посебен предизвик за реализација била Домашната платежна картичка и поставувањето нови стандарди и дебрократизацијата на имплементацијата на мерките. Додека најгорда вели дека е на трите алатки за транспарентност “Отворени финансии”, “Јавен Долг” и “Капитални расходи” со кои значајно ја зголемиле транспаретноста.

Меѓу другото, таа ги нагласува и донесувањето на Буџетот со кој се инвестира во човечки капитал и во кој беа вградени поголеми плати за здравствените работници од 5%-25% и за просветните работници за 10%, поголеми пензии за 700 денари, повеќе пари за мерки за вработување, за поддршка за покачени плати во приватниот сектор…, потоа замрзнување на прогресивното оданочување, како што вели „не затоа што не веруваме туку затоа што веруваме дека има подобар начин и тајминг за ваква реформа“, како и фокусирање на сивата економија за што е направен предлог акциски план.

Понатаму, ги набројува кревањето на прагот за ДДВ обврзници од 1 на 2 милиони денари , завршениот проект за поставување фотоволатични системи на 108 јавни установи во 36 општини, лансирањето на МојДДВ МојаНаграда и враќањето на 11 милиони евра ДДВ на повеќе од 200.000 граѓани кои скенираат сметки со  МОјДДВ, како и обезебдувањето 136 милиони евра за најголемиот еколошки проект во земјава – Пречистителна станица Скопје – која ќе опслужува половина милион граѓани… Исто така и изработувањето сеопфатна Стратегија за даночна реформа, повратот на 402 милиони евра ДДВ на фирмите во 2019 година и 206 мил во 2020  што е за 26 отсто  повеќе од 2018 и за 44 отсто повеќе од 2017 година, исплатени 30 милиони евра субвенции на 15.000 тутунопризводители, ребаланс на Буџетот со кој беа обезбедени средства за мерките за борба против COVID-19 кризата, придонесот во креирањето и имплементирањето на три сета економски мерки за справување со КОВИД кризата, домашни платежни картички, ваучери за туризам, ваучери за студенти за ИТ вештини, и бројни мерки за поддршка за стопанството…, финансиска поддршка за исплата на плати 14.500 денари по вработен – која одржа над 140.000 работни места во кризата и тн.

Видеото е на следниов линк.