Министер за финансии? Наесен!


 

Внимателно слуша. Премиерот. Бизнис-заедницата му побара министер за финансии кој ќе ја заздрави економијата. Некој што нема да биде Драган Тевдовски. Му требаат дополнителни два-три месеци да се избори за човек во кој верува и мисли дека ќе му ја заврши работата. И за да ги убеди своите во партија, но и другите околу него, дека има подобро решение за финансиер од коморското име што му го „туткаат“. Ова му е ескиважа, купување време. Но, во исто време, потег за кој не е во ред да се прашува дали се „чесни“ намерите зад него. Зошто некој би си ставал трн во здрава нога ако нема намера сериозно да расчисти. Оти Заев го става во залог комплетниот интегритет кога вели дека обврската министер за финансии, покрај премиерската функција, ќе ја врши одреден период, затоа што треба да се потврди оти 2019 ќе биде година за економијата.

– Значи, кога ќе го добиеме вистинскиот министер за финансии?

– Наесен!

Вака некако звучи суштината на едната струја на муабетите што се вртат околу (само)предлогот за нов вршител на должност министер за финансии. Дека е добар слушач не пишува во биографијата на Зоран Заев доставена до пратениците кои денес ќе се изјаснуваат и за предлогот тој да биде и министер за финансии во реконструираната влада. Ама, велат, точно е.

Многумина слушал премиерот Зоран Заев изминативе две години дека така не се прави економија со стапки на раст над 5 отсто. Му кажувале бизнисмени, а и експерти, тинк-тенкови и претставници на меѓународни финансиски институции дека не е социјалдемократија да не се прифати укажувањето за одложување на прогресивниот персоналец за една година, за да не се нарушат еден куп биланси.

„Дали нас економијата ни е за спроведување социјалдемократски елементи или за заздравување. Да расчистиме, СДСМ ја доби довербата на гласачите бидејќи Груевски се качи на глава со постојаните избори и автократијата. Никако врз основа на програмата за економија. Како тазе премиер Заев зборуваше со коморите и се договоривме за мерки со кои ќе ја кренеме економијата. Не се договаравме да креваат програми“, вели еден од нашите соговорници, кој спори и со суштината на прогресијата кај персоналецот, оти реално ниту го намалила јазот меѓу богатите и сиромашните ниту, пак, блесна со буџетски ефект. Зашто, светските практики покажувале дека таквиот тип оданочување е оданочување на средната класа, а не на најбогатите луѓе.

„А, за да ја оданочите средната класа во Македонија, треба да ја создавате, а не да ѝ го намалувате приходот. Без многу должење, прагот од 90.000 денари е пренизок, а реформата е предвреме донесена. Имате зголемено оданочување и кај исплатите на дивиденди и затоа годинава има помалку исплати на дивиденди. Значи, нешто не е до крај обмислено“, се зборува во критиките за Тевдовски.

Бизнис-крилото што позитивно гледа на неговото заминувањето тврди дека и мерката за зголемување на платата е добра идеја на бизнис-заедницата, поради тоа што врши краткорочен притисок ама долгорочно ја зголемува јавната потрошувачка.

Една од „протечените“ работи што Заев ќе ја прави како министер за финансии носи работен наслов: „Средување на Министерството за финансии“.

„Таму е хаос. Половина министерство не функционира. Немаш кому да се обратиш. Цели сектори не работат како што треба. Задржани се стари кадри, кои си тераат своја политика, истите што стоеја во став мирно пред извиканиот стар министер сега се ‘фактори’. Досегашниот министер сто пати беше опоменат, од Рашковски, од Заев. Не ги смени затоа што добро работеле, задоволен бил“, велат нашите извори додавајќи дека чистењето ќе почне од неколкумина, кои нема да останат без работа туку ќе бидат прераспоредени во други министерства, по што многумина од преостанатите ќе проработат откако ќе видат дека лабавото заврши.

Останува отворено прашањето дали генералката на Заев во Министерството е тивок потег со бурни последици или и овој зафат во најава ќе заврши како претворање на „метлата“ во „крпче за прашина“. Посебно ако се слушне аргументацијата на другата струја на мислења за премиерскиот потег.

„Кој ве убедува дека Тевдовски ги кочел реформите и дека со преземањето на Заев ќе тргнат и ќе има економски исчекор. Тоа е приказна. Да, Тевдовски не е робустен, не остава впечаток, но тој ја направи економската програма на СДСМ, неговиот јазик на разговор со странците е сосема поинаков. Го тргнаа единствениот човек што се разбира од макроекономија. Како ќе го решава тоа Заев? Имаат ли памет. За министер за финансии треба тројца луѓе во еден, исто толку и за премиер. Како може овој предлог да пројде кај дел од луѓето?“, прашува друг наш соговорник, лоцирајќи го предлогот кај големата комора и бизнис-крилото блиско до премиерот.

На прашањето дали новата економска насока на Владата ќе значи напуштање на социјалдемократска програма многумина повикани, експерти од СДСМ не сакаат со име и презиме да коментираат. Нејќеле да им се лепат етикети на „мрчатори“.

Неофицијално, пак, велат дека зад новата насока на Владата нема идеологија, туку „профит и тендери“ за тајфа луѓе и дека предлогот е фрлање прашина врз народот на кој два месеци му се продаваа ‘метли’. Велат дека не очекуваат реакција на странците во овој момент но дека ќе биде забележано во извештаите „со посебен јазик“. Сметаат дека не држи тезата оти нема човек погоден за позицијата министер за финансии, оти ако нема во партијата тогаш сигурно има надвор од неа, меѓу социјалдемократски ориентираните економисти.

„Потегот е само потврдување на тезата дека во Македонија нема ‘лево’ и ‘десно’ туку само ‘дрп систем’. Како може фирма од тројца да добие 30 милиони тендер. И тоа не е проблем за Владата. Не е заменет ниеден од министрите за кои се кажуваше сè и сешто, настрада Тевдовски, што нема ниеден скандал. Тоа што не е направено повеќе на социјалдемократска линија е затоа што бизнис-крилото имаше други ставови. Социјалдемократската опција, која доаѓа по десното ВМРО-ДПМНЕ, требаше да ја намали состојбата на нееднаквост што тие ја продуцираа. Ова скршнување нема да ја намали, туку ќе ја зголеми нееднаквоста“, вели еден од аналитичарите кои ги консултиравме.

Според него, младите бегаат не само од ниски плати, туку од неправда, од неподнослива и навредлива нееднаквост. Вели, Тевдовски не можел да направи повеќе затоа што неговите предлози требало да поминат кај премиерот, кај вицепремиерот.

„И ова што помина е шминка, околу нерамниот данок, за да не се каже дека ништо не е направено за намалување на неправдата. Сфатете, бизнис-првенците размислуваат само преку стомакот а не што е најдобро за хармонија во општеството. Како може некои да земаат 40 пати, 100 пати поголема плата од просечната плата и тоа да не се менува, а се декларираш како социјалдемократска влада“, смета соговорникот додавајќи дека економскиот раст од првиот квартал е резултат на малото смирување на политичката ситуација.

„Да не мислат дека тие го покренаа. Тие не се способни да потрошат 15 отсто капитални инвестиции. Тоа треба економските министри да го бркаат. Да се вратат парите во економијата. До јуни требаше да бидат реализирани 200 милиони евра капитални инвестиции. Тоа би го покренало циклусот. Тие се заборавија бркајќи странски фирми“, се коментира потегот на премиерот, кој се опишува како манифестација на површноста на човек што мисли дека успешното водење фирма, значи дека успешно може да се води и државата како фирма.

„Нобеловци пишувале дека ‘државата не е компанија’. Едно е да водиш фирма а друго да водиш општество, каде што спротивставените интереси треба да се усогласат со правда, правичност, еднаквост, човекови права, еднакви стартни позиции на луѓето“, револтирано заклучува нашиот соговорник.

 

Светска банка: Немаме коментар

Меѓународните институции кои тесно соработуваат со Министерството за финансии се воздржани, иако ексминистерот за финансии Трајко Славески изјави дека ваквиот потег нема да наиде на симпатии кај нив. Став за предлогот премиерот да биде и министер за финансии побаравме од канцелариите на Светската банка и на ММФ во Скопје.

„Во оваа фаза немаме никаков коментар. Ја користиме можноста да му се заблагодариме на министерот Тевдовски за продуктивната соработка со Светската банка за време на неговиот мандат“, ни изјавија од канцеларијата на Светска банка.

Анита Салтировска