Mинималната плата во Турција зголемена за 21,56 отсто, ќе изнесува 380 долари


Турција ја зголеми својата минимална плата за 21,56 отсто од 1 јануари, изјави денеска министерката за семејство, труд и социјална политика, Зехра Зумрут Селчук.

Како што објави весникот „Сабах“, месечната нето минимална плата ќе изнесува 2.826 турски лири (380 американски долари), во споредба со досегашните 2.324 турски лири.

– Нето минималната плата се зголеми за 500 лири, за 21,56 отсто, во споредба со 2020 година, рече Селчук.

Министерката додаде дека зголемувањето на платата е за 7 проценти повисоко од инфлацијата во ноември.

– Во ноември 2020 година, инфлацијата беше 14,03 отсто. Обезбедувајќи зголемување од околу 7 проценти над овој процент, ние уште еднаш го исполнивме ветувањето дека нема да дозволиме нашите работници да бидат уништени од инфлацијата, рече Селчук.

Околу половина од сите работници во земјата со 83 милиони жители работат за минимална плата, покажува истражувањето на Конфедерацијата на прогресивни синдикати на Турција (ДИСК).