Минхенскиот институт Ифо ги намали прогнозите за раст на германската економија


Германската економија следната година ќе порасне за 0,9 отсто, проценува минхенскиот институт за економски истражувања Ифо во најновата економска прогноза, откако во септември прогнозираше раст од 1,4 отсто. За 2025 година Институтот сега очекува раст од 1,3 отсто, а претходно изнесуваше 1,2 отсто.
Според шефот на економските истражувања во Ифо , Тим Волмершаузер, полошиот економски развој во последниот квартал од оваа година ќе има негативно влијание и на следната година.

„Неизвесноста во моментов го забавува закрепнувањето, бидејќи ја зголемува склоноста на потрошувачите да штедат и ја намалува подготвеноста на компаниите и приватните домаќинства да инвестираат“, напиша тој денеска, објавувајќи ги најновите прогнози.

На економскиот раст донекаде влијае нејасната ситуација во однос на германскиот буџет.

„Доколку буџетот се намали за 20 милијарди евра во 2024 година, моделот на Институтот Ифо покажува дека стапката на раст би се намалила на 0,7 отсто“, објасни тој.

Сепак, според проценката на Волмершаузер, сите податоци моментално укажуваат на закрепнување на економијата во следната година, бидејќи платите растат, вработеноста е висока, куповната моќ се враќа, каматните стапки го достигнаа врвот, а растот на цените забавува.

Во втората половина од годината се очекува намалување на стапката на инфлација до два отсто, главно поради пониските цени на енергијата. Сепак, поради силниот раст на платите, стапката на инфлација во потрошувачките услуги ќе остане многу над три проценти некое време, според Ифо.

Се очекува годинава бројот на невработени да се зголеми за 191 илјада, а следната година за дополнителни 82 илјади. Во 2025 година треба да се намали за 113.000. Како резултат на тоа, се очекува стапката на невработеност да биде 5,9 отсто во 2024 година и 5,6 отсто во 2025 година, откако во тековната година беше 5,7 отсто.