Врачени годишните награди на ДПМ (фото)


Фото: Б. Грданоски

Во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), вечерва, пред  мал број писатели, поети и медиуми, беа врачени традиционалните годишни награди на Друштвото за 2023 година, за критика и есеј, поезија, проза и литература за деца и млади.

Претседателот на ДПМ, Живко Грозадановски/ Фото: Б. Грданоски

Беа врачени наградата „Стале Попов“ за „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, наградата „Ацо Шопов“ за „Коњски житија“ од Зоран Анчевски, „Ванчо Николески“ за „Земјата на чудесните сказни“ од Билјана С. Црвенковска, како и „Димитар Митрев“ за „Птици во аквариум“ од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ.

Фото: Б Грданоски

Од 14 пријавени дела за наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело во најтесен круг влегоа „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, романот „Заборав“ на Томислав Османли  и збирката раскази „Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ.

 

Фото: Б. Грданоски

За наградата на ДПМ „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија што ја доби „Коњски житија“ од Зоран Анчески, во издание на „Арс ламина“, одлучуваше жири комисија во состав Елена Пренџова, претседателка на комисијата и членовите Снежана Стојческа и Зоран Јакимовски. 

Финалисти беа и „За сите времиња“ од Братислав Ташковски („ПНВ публикации“) и „На врв на јазикот“ од Катица Ќулавкова („Арс ламина“).

Во отсуство на академик Влада Урошевиќ, наградите ги прими Лидија Капушевска Дракулевска/ Фото: Б. Грданоски

„Птици во аквариум надреалзиам 1924-2024“  од Лидија Капушевска  Дракулевска и Влада Урошевиќ, во издание на „Полица“, пак, ја доби наградата „Димитар Митрев“ за 2023 година за најдобра книга, критика и есеистика  во избор на жирито во состав: Иван Додовски, претседател, и членовите Соња Стоименовска Елзесер и Елизабета Пандиловска.  

Финалисти беа и „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски („Матица“), „ „Живот во ролни“ од Горан Тренчовски (самиздат) и „Два опита (Конески и Старделов)“ од Ивица Џепароски (Филозофски факултет).

 

Фото: Б. Грданоски

Наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади ја доби „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана С. Црвенковска во издание на „Чудна шума“. Ова дело е напишано според идеја на Симон Трпчевски и Билјана С. Црвенковска, а илустрирано  од Оливер Коларески. Одлуката е на тричленото жири: Сузана Мицева, Наум Попески и Стево Симески.

 Финалисти беа и „На крилјата на самовилското коњче“ од Александра Велинова („Едука Мак“), и„Рокчето“ од Никола Маџиров („Арс Ламина“).

Фото: Б. Грданоски