Град Скопје конечно ги доставил документите за Универзална сала до Министерството за култура


 

Повеќе од една година помина откако министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, ненадејно отидоа кај градоначалничката Данела Арсовсска во Град Скопје, за да се договорат Министерството за култура да ја преземе реконструкцијата на Унивезалната сала. 

Вчера, Владата на седница го задолжи Министерството за култура да ги разгледа документите од Град Скопје за Универзалната сала и да продолжи реновирањето ан овој културен објект. 

Тоа беше знак (посреден) дека Градот Скопје, конечно, ја доставил долгоочекуваната документација според која министерството ќе може да пристапи кон реализација на проектот за обновување на Универзалната сала. 

„Советот на Град Скопје донесе одлука за пренос на право за реконструкција, по чие стапување на сила беше доставен договор до Министерството за култура со кој треба да се спроведе одлуката. Согласноста на усогласениот текст на договорот од страна на Министерството за култура беше доставена на крајот на минатата недела, со што по потпишување на договорот од страна на министерството, постапката и формално правно ќе се смета за завршена“, одговорија од Град Скопје на прашање на „Независен“, дали ја доставиле целокупната документација до министерството.

Реконструкцијата на Универзалната сала, почна уште пред заминувањето на претходниот градоначалник од функцијата. Потоа, актуелната градоначалничка продолжи со градежните работи, но набрзо  ги стопира работите, со објаснување дека плановите за реконструкција не се соодветни. Таа тврдеше дека конструкцијата нема да биде безбедна затоа што плановите не се соодветно изведени.

Откако централната власт се понуди да го заврши објектот, а потоа да го врати во владение на Градот, документацијата се чекаше повеќе од една година, иако Советот на Град Скопје донесе одлука Универзалната сала да се даде на Министерството за култура за завршување на градежните работи.