Минатата година во светот продадени околу седум илјади хуманоидни роботи за индустриска употреба


Околу седум илјади хуманоидни роботи биле продадени во светот минатата година за индустриска употреба и професионални услуги, покажуваат податоците собрани од Меѓународната федерација за роботика (IFR).

За споредба, во 2024 година во светот биле инсталирани околу 542 илјади стандардни индустриски роботи, а биле продадени уште околу 199 илјади сервисни роботи за употреба во транспортот, хотелиерството и чистењето.

Релативно малиот број продадени хуманоидни роботи е во спротивност со прогнозите за брз раст на пазарот во следните години, особено во Кина – најголемиот пазар во светот за индустриски роботи.

Минатиот месец Кина демонстрираше хуманоидни роботи кои трчаат и боксуваат за време на натпревари со роботи.

Според критериумите на Меѓународната федерација за роботика, робот се смета за хуманоиден ако наликува на човек и доколку може автономно да работи во средина наменета за луѓе. Нозете не се задолжителни.

Податоците што официјално ќе бидат објавени на 24 овој месец се меѓу првите обиди за мерење на пазарот на хуманоидни роботи во рамки на целата индустрија – технологија што привлекува инвестиции од милијарди долари и е предмет на сè повпечатливи практични демонстрации.

Сепак, бројот хуманоидни роботи и натаму претставува само мал дел од вкупниот број роботи во светот, изјави генералната секретарка на Меѓународната федерација за роботика со седиште во Франкфурт, Сузане Билер.

Според Билер, многу од хуманоидните роботи продадени во 2025 година не извршувале производна работа, туку биле купени од научноистражувачки институции или компании што ги користат како основа за подобрување на моделите опремени со вештачка интелигенција.

Производителите на автомобили, кои се меѓу првите компании што воведуваат роботска, засега спроведуваат пилот-проекти со едноцифрен, а понекогаш и двоцифрен број роботи во своите фабрики, посочи Билер.

Меѓународната федерација за роботика собира статистички податоци за роботиката веќе три децении, а за првпат почна да собира податоци конкретно за хуманоидните роботи, покрај многу поголемите категории индустриски и сервисни роботи.

„Банк оф Америка Глобал Рисрч“ прогнозира дека годинава ќе бидат испорачани околу 90 илјади хуманоидни роботи, а до 2030 година нивниот број ќе достигне 1,2 милиони. Очекувањата за брз раст на пазарот се особено високи во Кина, каде што производството на хуманоидни роботи се забрзува, иако реалната побарувачка засега заостанува.

Статистиката на Меѓународната федерација за роботика се заснова врз податоци од добавувачи и национални индустриски организации. Таа не ги опфаќа хуманоидните роботи за потрошувачка и воена употреба, додека медицинските роботи се класифицираат одделно.