Минатата година во Грција регистрирани 74 случаи на расистичко насилство


Во 2022 година, во Грција биле регистрирани 74 случаи на расистичко насилство во кои, поголемиот дел од жртвите се бегалци/мигранти или припадници на ЛГБТ заедницата, јави дописничката на МИА од Атина.

Мрежата за регистрација на случаи на расистичко насилство денеска во Атина го презентираше годишниот извештај, а претседателката на Националната комисија за човекови права, професорката Мариа Гавунели истакна дека меѓу регистрираните случаи има случаи на семејно насилство, како и на насилство во училиштата и на факултетите.

Таа истакна дека организираното расистичко насилство сѐ уште постои во земјата, но сепак не е во толкави размери како порано.

Согласно извештајот за 2022 година, од 74 случаи, 38 се насилство врз ЛГБТ+ заедницата, 33 врз мигранти и бегалци, две се врз основа на религијата, односно нападнати џамија и споменик на холокауст, а во еден од случаите жртвата бил Ром.

Од жртвите на насилството на расистичка основа, 22 рекле дека и во минатото биле мета на напад, а повеќе од половина од случаите се во Атика, поширокиот дел на Атина.

Во однос на карактеристиките на случаите, 33 се физичко, а 25 вербално насилство.

На денешната прес конференција, беше изразена и загриженост за случаите кога напаѓачите се полицајци или припадници на крајбрежната служба.

Мрежата за регистрација на случаи на расистичко насилство беше формирана во 2011 година на иницијатива на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации и Националниот комитет комисија за човекови права, а членки се 52 организации.

Претставничката на УНХЦР во Грција, Мариа Клара Мартин ја истакна важноста на конкретниот механизам за евидентирање на расистичкото насилство.