Милошоски: Талат е во скутот на СДСМ, а СЈО потрошило 15 милиони евра


Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски денеска обвини дека владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ се плаши од тоа да им дозволат на пратениците да направат увид во СЈО. Тој го нарече банален дописот со неосновани технички образложенија од страна на парламентарниот спикер Талат Џафери, кој предлог одлуката за анкетната комисија ја враќа на подносителите.

„Наводно, заради одредени недостатоци, ги видовме сите оние нешта кои што тој ги споменал како недостатоци и нема ниту еден деловнички, пропуштен, суштински дел од предлог одлуката кој што може да се смета за сериозен недостаток. Напротив, предлог одлуката за формирање на анкетна комисија по содржина и структура е иста со предлог одлуката за анкетна комисија која што господинот Талат Џафери во претходниот состав ја поднесе за формирање анкетна комисија за прислушкувањето. Нема никаква разлика. Она што нам ни е информација од собраниските служби и од самиот ракопис на овој предлог за враќање на одлуката за формирање на анкетна комисија е дека ова не е ракописот на Талат Џафери. Ова е ракописот на Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието или на некој близок советник на СДСМ кој што Џафери морал да го послуша и да го потпише и да го врати предлогот за формирање на анкетна комисија затоа што очигледно и тој е седнат во скутот на владејачката партија. Од кои интереси, дали се тоа лични, фамилијарни, политички, партиски, следниот период сигурни сме дека тоа набрзо ќе го докажат“, рече Милошоски во името на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој најави дека партијата нема да се откаже од оваа намера и ќе ги искористи сите можни деловнички процедури со цел темата – анкетна комисија за СЈО и увидот и дискусија за работата на незаконско, нестручно и несовесно работење постапување на СЈО да дојде на дневен ред на собраниската седница.

„Сметаме дека власта доколку држи до својот глас за разрешување на Катица Јанева за незаконско, несовесно и нестручно работење треба да дозволи формирање на анкетна комисија и треба да дозволи расправа за оваа точка, па ако сакаат СДСМ и ДУИ нека гласаат против. Ако имаат доволно аргументи дека СЈО работело законито, дека Катица Јанева работела совесно, стручно и законски, ќе имаме расправа на дневен ред и на пленарната седница нека се изјаснат нека гласаат воздржано или против, но нека не го ускратуваат правото да се расправа за ова и да ги понудиме аргументите во таа насока“, потенцира Милошоски.

Фото: Б. Грданоски

Според нивните сознанија, не било случајно тоа што во изминативе неколку години сите финансиски извештаи кои што СЈО ги доставувало до Собранието, во ниту еден не се наведени прецизни ставки во трошењето на средствата.

„Разгледани се сите извештаи и во сите пишува, поголем дел од средства се потрошени за наемнини, хонорари, набавки и слично, помал дел не се потрошени. Не се кажува колку се потрошени на вештаци, колку се потрошени на плати, колку се потрошени на хонорари, колку се потрошени на јавни набавки. Она што го имаме како сознание дека имало злоупотреба и прекршување на постојните законски прописи од страна на СЈО при вршењето на јавни набавки внатре во СЈО односно индиции дека се злоупотребени пари на граѓаните, несовесно, незаконски и нестручно за нечија сметка односно за нечие материјално богатење. Од друга страна, имаме податоци дека на блиските роднини на помошници обвинители внатре во СЈО или на самата специјална обвинителка или на блиските лица на судии, обвинители, пратеници, функционери и министри надвор од СЈО, кои што биле вработени во СЈО им се исплаќани несразмерно високи хонорари по потпишани договори за чување на деловна тајна, а самиот опис на работа на човек кој што влегува да работи во обвинителска функција, основната плата му е во описот на тоа да биде претпазлив и да чува деловна тајна односно нема за тоа потреба за посебен договор. Затоа цениме дека господинот Талат Џафери, Цветанка Иванова и СДСМ во Собранието треба да размислат да не го штитат веќе механизмот кој што може на сите нас да ни помогне, темата незаконско работење на СЈО да ја истражиме и да ја дадеме на увид на сите граѓани затоа што 15 милиони евра од граѓаните на Република Македонија плус донации од Шведска, Холандија и Америка се потрошени за работата на СЈО, а голем дел од нив сметаме дека се потрошени незаконски“, заклучи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.