Милошоски: Софија предлага Делчев да е регионално Македонец, етнички Бугарин

Пратеникот Антонио Милошоски на Фејсбук напиша дека премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов на средбата во Бугарија треба да се согласат дека Гоце Делчев е Македонец во регионална смисла, но Бугарин во народно-етничката припадност.

-Дипломатски извори во МНР споделуваат дека последниот предлог на официјална Софија е дека премиерите Заев и Борисов за време на предвидената средба на 11 ноември во Бугарија би требало да се согласат на следнава дефиниција за Гоце:

“Гоце Делчев е Македонец во регионална смисла на зборот, но во смисла на народно-етничка припадност е Бугарин роден во географската област Македонија”.Оваа дефиниција потоа би се применила и на многу други историски личности, како Даме Груев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Панко Брашнаров и други. Веројатно ова е една од причините зошто Заев одбива и собраниска и политичка-лидерска дебата околу националните позиции на Македонија во однос на договорот за добрососедство со Бугарија, пред закажаната посета на Софија, напиша Милошоски на Фејсбук.

Инаку, информацијата на Милошоски не е нова. Медиумите во Бугарија од минатата недела го објавија овој предлог на бугарската страна за кој на последниот состанок немаше приближување туку беше најавено дека ќе се разгледува и повторно ќе се навратат на него на идната средба во декември.