Милошоски: Наместо да ја рекламира државата во светот, МНР го рекламира министерот во Македонија


Пратеникот Антонијо Милошоски на денешната панел дискусија на тема „Алармантните состојби во македонската дипломатија“, во организација на ВМРО-ДПМНЕ,  го обвини министерот Бујар Османи за евтини реклами и за злоупотреба на институцијата.

Според Милошоски, МНР наместо да ја рекламира Македонија надвор од светот, го рекламира министерот во Македонија, а на стопански план МНР е најслабата алка, како и дека е оценето како министерство со најмала транспарентност што значи дека или нема кадар или раководството има податоци кои не сака да ги сподели.

„Министерството законски има надлежност да ја промовира државата надвор од своите граници во економска, политичка, трговска и културна област, но сега МНР е претворено во институција којашто го рекламира министерот дома во рамките на државата, а најмногу во Чаир каде има добиено партиска задача да помирува фракции во неговата матична партија“, изјави Милошоски.

Милошоски како таква евтина реклама го наведе примерот кога Османи се пофали пред медиуми со набавени тротинети, нешто што е крајно несериозно и злоупотребено од министерот за сопствена кампања.

„Тоа беше во јули 2021 година кога беа повикани медиуми пред министерството за да им биде кажано дека набавиле 5 електрични тротинети и 6 кациги. И тоа беше настан на денот со изјава на министерот и дека министерството влегува во еколошка дипломатија и дека ќе бидат користени од дипломатите за одење по други институции“, го цитираат Милошоски во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Милошоски посочи дека друг пример за дневни кампањи без реални резултати се најавените економски оператори кои отидоа само во четири земји и од кои нема никаков фидбек што сработиле, колку инвеститори донеле, како и дека несериозно е што нема во најважните стратешки партнери од каде треба да се привлекуваат инвестиции.

Како што се посочува во партиските соопштенија, поранешниот амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев, на панел дискусијата рекол дека во Министерството за надворешни работи не постои систем.

„Тоа се должи на тоа што секоја посебна одделна политичка гарнитура во Македонската држава се однесува наместо кон дипломатската професија не како стална дипломатија туку како ад-хок дипломатија односно од случај до случај“, рекол Ѓорчев.

„Одраз на ставот на оваа политичка гарнитура е дека македонската нација завршува со границите на македонската држава. Тоа е нешто што е неприфатливо во контекст на она што претставува Балканска географија и развојот на народите на балканскиот полуостров кој секогаш бил мултиетнички. Невозможно е сите други народи од соседството да имаат народи во Македонија, а само ние како Република Македонија да немаме право да говориме за нашите малцинства во Грција и Бугарија“, кажа Ѓорчев.

Ѓорчев е дециден дека како држава должни сме да ги браниме човековите права на Македонците во пиринскиот крај во Бугарија.

На денешната панел дискусија на тема обраќање имаше и амбасадорот и претседател на Македонски дипломатски синдикат Зоран Дабиќ кој зборувал за вработувањето партиски кадри и нивно унапредување, како и за унапредувања на поединци без никаква законска основа и за тоа како тие како синдикат се справуваат со оваа негативна појава.

Тој потенцираше дека последните 7-8 години би можеле да се поделат во два периоди, односно дека во првиот период се вршеше масовно вработување на партиски кадри, а во вториот се врши унапредување на истите тие кадри.

„Справувањето оди многу тешко бидејќи директна комуникација практично и немаме со раководството, тоа е нивен став. Можеби еднаш неделно во овие четири години ние укажуваме секојпат на нешто, бараме да бидеме партнери, бараме да соработуваме, но комуникација од нивна страна нема“, рече Дабиќ и додаде дека како синдикат утврдиле одредени параметри и начини како тоа се прави. „Во минатото имавме неколку национални координатори за одредени области, но сега има неколку десетици позиции на национални координатори кои веројатно се користат пред се за унапредување“, истакна Дабиќ.

Тој исто така ја објасни и шемата која се злоупотребува за брзо унапредување на одредени лица во МНР, иако во дипломатијата исто како во војската треба да има периоди од кариерата во која се стекнува одреден чин.

„Системот е едноставен. На одреденото лице кое сакате да го унапредите му давате функција национален координатор за некоја област и автоматски поради титулата добива едно звање, унапредување и после три месеци таа титула му се одзема и се дава на друг за да иде истиот систем, а него по дискреционо право му се дава второто звање“, појасни Дабиќ.

Дабиќ исто така збореше и за претседавањето со ОБСЕ кое според него треба да се искористи за меѓу приоритетите да има и теми за национална промоција, но за жал тоа не се прави и се губи голема шанса која нема да се повтори.