Милошоски кажа виц, ВМРО-ДПМНЕ не било инфицирано од корупција


Антонијо Милошоски, пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во „Алфа“ рече дека власта на  ДУИ и СДСМ треба да испорача голема концесија.

„Овој интерес за влада без ДУИ е добар, бидејќи по изборите ние ќе бараме начин и ќе направиме се да се направи влада без нив.Системот на ДУИ не е добар за државата. Концептот на влада без ДУИ подразбира да не бидат присутни ниту на едно ниво во власта бидејќи тие  произведуваат корупција и криминал. Тие се инфицирани со вакво однесување. Затоа сметаме дека добро е што деДУИзацијата станува тема во јавноста. Зголемуваат корупција, намалуваат доверба во системот и поттикнуваат иселување на граѓаните. Затоа нашата порака е да понудиме политички концепт за формирање на извршна власт без ДУИ што ќе биде поефикасна на сите полиња. Доколку Бујар Османи смета дека може да се откаже од неколку министри на одреден период, замислата не е тоа “, рече Милошоски. Она што е го гледаме сега, рече тој, е голема блискост на ДУИ со СДСМ.

Околу учеството во можната широка коалиција тој рече дека целта на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде борба со корупција, а не да биде статист.

„Доколку би се случил таков потег, проекција на некоја поширока влада, ВМРО-ДПМНЕ нема намера да биде статист. Ако влезете во таква влада намерата е да се борите со корупцијата и криминалот. Ако ВМРО – ДПМНЕ е во таква влада ќе биде објавен договорот со Бехтел и Енка, на пример. Нелогично е да влезе опозициска партија во таква влада и да не се бори со корупција и криминал. Мислам дека Ковачевски попрво би се откажал од Пиксел груп, него работите му ги одржува ДУИ и затоа нема намера да се откаже од ДУИ“, посочи Милошоски.

Според него на ВМРО-ДПМНЕ најмногу му одговара да има избори и затоа предложиле три можни датуми. 

„Тоа е поголемата веројатност, соочување на избори. Тој не покажува волја за откажување од ДУИ и затоа е мала веројатноста од  широка коалиција без ДУИ“, посочи Милошоски.

Потоа бјасни  што ќе значи влада на национална единство.

„Понудата беше подаваме рака за влада на национално единство во која би се вклучил секој политички актер кој не е инфициран со корупција и криминал, како што е случајот со ВМРО-ДПМНЕ. Ние мора да го сопреме трендот на корупција и криминал“, посочи Милошоски.