Милошоски ја искритикува власта за амбасадорите што тој ги блокира


Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на расправата за изборот на новата влада ја критикуваше надворешната политика на претходната и притоа ја обвини дека е единствена во историјата на Македонија во чие време четири години нема амбасадор во најважната дестинација – Вашингтон. Инаку, голем број на амбасади стоеја или се уште стојат празни со години токму поради блокадите во Комисијата за надворешна политика што ја предводи Антонијо Милошоски, а меѓу нив освен Вашингтон е и Софија, со која имаме тежок политички спор, а рацете дипломатски ни се врзани.  

Милошоски ги критикуваше и изјавите од  преставници на Владата дека Македонија добила преговори со Унијата, кои се базираа на одлука на лидерите на ЕУ, а се уште не се материјализираа поради ветото на Софија. Тоа беше причина тој да оцени дека кадрите на владеечката коалиција во надворешната политика се искомпримитирани, вклучувајќи го тука и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој претходно беше одговорен за ресорот евроинтеграција.

„Не е само Заев кој добивал датуми кои се’ уште ги немаме добиено. На славната заедничка фотографија се и Димитров, Османи, Анѓушев. Сега Димитров веќе не е другар со Османи, скарани се. Сметам дека тимот за надворешна политика ви е многу слаб и компромитиран. Досегашната влада ќе остане единствена дека четири години нема амбасадор во Вашингтон. Имавте еден обид потпишан од Заев и Османи, Фрчкоски да биде амбасадор, добро е што не помина бидејќи сме добиле вербална нота дека тој не е подобен за амбасадор. Истата влада го предлага истиот кандидат за амбасадор за ОН, ако ве дисквалификуваат од ФИФА, не може да ве прифатат во УЕФА“ – рече Милошоски.

Патем во времето на Милошоски како шеф на дипломатијата никој речиси не доаѓаше во посета на Македонија поради политиката што ја водеше владата на ВМРО-ДПМНЕ која беше меѓународно  изолирана.