Милошоски ги советува обвинителите како да ја водат истрагата


Откако во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја предаде втората „бомба“, на која се слуша доскорешниот премиер Зоран Заев, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски им даде неколку совети на овинителите како да ја воделе истрагата.

,,Мое мислење е дека најдобро би било обвинителството да го повика господинот Заев да каже кој бил со него и тие лица да бидат сведоци. Втората опција е да се земат снимки, бидејќи влезот и во Владата и во кабинетот на премиерот се под постојан видео надзор така што може со сигурност да се утврди кој бил на разговор на оваа тема во мај 2019 година”, рече Милошоски.

Тој на новинарите им соопшти дека кај шефицата на обвинителството Вилма Русковска направиле записник и таа му кажала дека снимката ќе се обработи за да се утврди релевантноста. Тој смета дека материјалите се релевантни затоа што во нив има индиции оти Заев се мешал во судската власт.

,,Материјалите кои ги добив ги објавив во најбрз можен рок. Други снимки не поседувам. Во записникот наведовме дека се работи за анонимен укажувач”, додаде Милошоски. Тој вели дека првата снимка што ја пушти во Собранието била доставена на диктафон, а втората на мобилен телефон. (Н.В.)