Милошоски: Дури 29 струмички фирми не враќале кредити во Еуростандард банка


Фото: Б. Грданоски

Дали знаевте дека 29 струмички фирми кои имале кредити во Еуростандард банка, од кои едната е „Сараинжинеринг“ на Вице Заев,со години не ги плаќале кредитите земени од банката? Веќе од 22 мај Народна банка имала секојдневен надзор на банката, и дали сте знаеле дека овие 29 струмички фирми, со невраќање на кредитите, ќариле 13 милиони евра. Зошто тоа сте го дозволиле и дали сте биле навреме информирани, ја праша пратеникот Антонио Милошоски гувернерката Анита Бежоска Ангеловска на надзорната расправа во Собранието за пропаста на Еуростандард банка.

Милошоски и посочи на Бежовска дека таа требала да ги знае овие информации од ревизиите, особено од 22-ри мај, кога е воведен дневен надзор над банката. Милошоски уште еднаш ја запраша гувернерката, зошто дозволила овие 29 фирми блиски до Заеви да не ги плаќаат кредитите и да остваруваат добивка на грбот на штедачите, и исто така дали за овие работи била информирана, а не реагирала?!

Други пратеници се интересираа дали одлуката за одземање на дозволата на банката е направена прерано или предоцна и дали биле искористени сите инструменти што и стојат на располагање на Народна банка.

Претходно гувернерката Бежоска, во своето воведно излагање, кажа дека одземањето дозвола за работа на банка е една од најтешките одлуки за секоја централна банка, дека НБМ пред да ја донесе оваа мерка ги исцрпела сите можности, а дека инвеститорот не понудил доволно капитал за докапитализација на банката, која била несолвентна.