ВМРО-ДПМНЕ ќе си направи свој попис, овој бил некомплетен


Бројките од пописот се поразителни, а операцијата некомплетна, порача по објавувањето на резултатите Антонијо Милошоски во име на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што официјално не повикуваше на бојкот, но неофицијално го поттикнуваше.  Тој ги нарече алармантни бројките што беа објавени. 

-Пописот, ваков каков што е во Република Македонија, покажува алармантни бројки кои што се поразителни за сите општини, освен за градот Скопј,е и за целата држава, особено со тоа што имаме преголемо иселување. Пописот власта сака да го покаже како успех, иселувањето покажува дека истиот е неуспех, а бројката од 7.2 отсто неизјаснети покажува дека овој попис е некомплетен, рече Милошоски иако од таа бројка се гледа дека не бил  успешен ни бојкотот за кој  придонесуваше неговата партија, но направи штета. 

Според него, пописните бројки се показател за неуспех не само поради силниот  бран на иселувања, туку и затоа што операцијата била спроведена со низа забелешки и со многу политика, така што во партијата сметаат дека сеој има право да се сомнева во ваквите бројки.

-Не сакавме да коментираме додека не излезат официјалните бројки, но она што со сигурност може да се констатира е дека и пред објавата на резултатите и за време на самата објава на резултатите партиите од власта се играа со проценти и се уште го прават тоа, што пописот многу го политизира. Во Македонија денес беше објавено колку има население, како е тоа население дистрибуирано по региони, општини, по градови, и како е тоа население по етничка припадност изјаснето. Но, за првпат во Македонија имаме една сериозна бројка од 7.2 отсто или повеќе од 132.000 за кои што ДЗС, и покрај тоа што ги има на располагање сите механизми од образование, до лични карти, матични броеви, изјаснување по други институции, не успеал да ја дефинира припадноста на овие 132.000 македонски граѓани, жители на државата. Затоа, сметаме дека Државниот завод за статистика не се потрудил да ги искористи податоците за да го направи овој попис да изгледа комплетен. Ваквите податоци, пописот го прават некомплетен, тврдеше тој. Па, додаде:

-Имаме 7,2 отсто коишто го бојкотирале пописот. Тоа се повеќе од 132.000 граѓани, а живеат во државата. Имајќи предвид дека дел од Македонците овој попис го бојкотираа, бројките на ДЗС требаше да се соопштат откако ќе се дефинираше припадноста на секој жител кој не се попишал или не се изјаснил на пописот. Затоа денес имаме некомплетен попис во овој дел, рече тој  без да објасни како може да се направи тоа ако тие лица решиле да бојкотираат. 

Притоа, тој спомена неколку средини и општини каде што е поголема бројката на граѓани кои не се попишале или не се изјасниле по етничка основа, а според неговите  податоци добиени главно од  секторот образование заклучил дека во најголем дел се работи за Македонци.

-Во општина Аеродром има 5.247 Македонци кои не се попишани, во општина Ѓорче Петров  4.450, во општина Центар 5.000, исто и во Битола повеќе од 5.000, во општина Велес 4.700 Македонци, Кавадарци 2.500, во Кочани 2.400 Македонци не се попишале, во Охрид 4.300 Македонци коишто не се попишале, во Прилеп 5.000 Македонци, а во Струмица имаме рекордни 6.640 Македонци кои не се попишани, во Штип околу 4.400 Македонци кои не се попишале на оваа статистичка операција. И со тоа сметаме дека оваа статистичка операција неуспеваи да ги дефинира сите параметри на овие присутни жители во државата го прави пописот некомплетен, рече Милошоски. притоа заклучи дека самово  овие неколку општини што ги наброја има повеќе од 60.000 жители во Македонија неизјаснети по национална основа.

Тој тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ, и покрај многуте забелешки, повикала на масовно попишување за време на овој попис и со тоа го дала својот придонес, но за жал имало и одредени актери кои повикувалена бојкот и бојкотот нанесе одредена штета на податоците на овој попис, штета на комплетноста и за Македонците.

Тој исто така рече дека споредбено со пописот од 2002 година има околу 200.000 граѓани кои што се иселени и дека оваа бројка е поразителна на државата, за сите општини, а особено за неуспешните економски политики на актуелната влада, иако половина од овој период е на товар на политиките на неговата партија. 

-ВМРО-ДПМНЕ сметајќи дека овој попис е некомплетен се обврзува по смената на власта да спроведе чисто електронски попис по сите европски стандарди кои што може да биде и комплетен, и веродостоен и да ги нема фалинките и недостатоците кои што ги имаат овие пописни бројки, најави Милошоски. Инаку ВМРО-ДПМНЕ еднаш проба да спроведе попис во 2011 година и го прекина од политички причини.
 

На крајот тој рече дека секој оној од политичките партии што се занимава со признавање или непризнавање на резултатите  ја промашува поентата и само прави нова манипулација од политичка гледна точка или можеби нова поделба помеѓу населението.