Милошоски бара формирање експертска влада


„Заев и Димитров, за да се одржат на власт, во август 2017та потпишаа лош договор со Бугарија“, напиша поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антониjо Милошоски.

Тој предлага оваа Влада да поднесе оставка, а по сериозни консултации во Собранието и јавноста, да се формира експертска влада составена од стручни луѓе во секоја област, која би добила широка општествена доверба и поддршка за спроведување на план за излез од актуелната криза.

„Заради изјавите на Заев сите политичари и дипломати во регионот не’ земаат на потсмев, а и во македонското општество Заев станува фактор на недоверба меѓу поголемиот број граѓани, Владиниот тим нема капацитет да понуди излез од оваа политичка и економска криза и да изгради широк политички и национален консензус за нова стратегија за стабилен напредок и функционални институции“, објави Милошоски на Фејсбук.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера после средбата со лидерите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, предложи формирање влада за национален спас, повикувајќи се на идеја што ја презентирала Алијансата за Албанците.