Милорад Додик е претседател на Република Српска, покажа пребројувањето


 

Повеќе од 20 дена по изборите, Република Српска, еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина (БиХ), доби нов претседател.

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина, која организираше пребројување на гласовите за претседател и потпретседател на РС по жалбите на опозицијата, во четвртокот, на 27 октомври, објави дека е утврдено дека Додик ја победил опозициската кандидатка Јелена Тривиќ.

Несомнено беше утврдено дека победник на изборите за претседател на РС е Милорад Додик, но дека 62-те вреќи (со гласови) што недостасуваат може да доведат до промена на позицијата на потпретседател на РС, изјавија членови на ЦИК на БиХ.

Претседателот на Република Српска се избира во еден изборен круг, а победник станува кандидатот со најмногу гласови.

Милорад Додик (63) со децении е во политичкиот живот на Република Српска и БиХ.

Додик, кој одржува блиски односи и со властите во Србија и со претседателот на Русија Владимир Путин, беше претседател на РС од 2010 до 2018 година.

До изборот за претседател на РС на 2 октомври тој беше член на Претседателството на БиХ од редовите на српскиот народ.

Тој со години е под американски санкции, а од април годинава и под британски, поради, како што е објаснето, „поткопувањето на легитимитетот и тешко стекнатиот мир“ во Босна.

Додик во неколку наврати изјави дека не му е грижа за санкциите.

Сојузот на независни социјалдемократи на Додик извојува убедлива победа на изборите за Собранието на Република Српска, како и за Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, а Жељка Цвијановиќ, неговиот најблизок соработник и поранешен претседател на РС, е избрана во тричленото Претседателство на Босна и Херцеговина.

Членот на ЦИК на БиХ, Вања Бјелица-Прутина, на денешната седница на ЦИК посочи дека нема дилема кој е победник на изборите за претседател на Република Српска и дека волјата на народот била потврдена.

„Сите што тврдеа дека се украдени, по контролното пребројување, нека го признаат поразот, да му честитаат на победникот, бидејќи мислам дека нема апсолутно никаква дилема кога е во прашање претседателот на РС, тоа е Милорад Додик“, додаде Бјелица-Прутина.

Беше најавено и дека нема да има повторени избори.