Милков му држи историски лекции на Пендаровски за Голи Оток

Бугарскиот министер за надворешни работи во интервју објави дека македонските граѓани и политичари „немаат јасна претстава за историјата“


 

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, речиси преку ноќ стана трн во окото на бугарските политичари по изјавата дека ќе ѝ препорача на владата да му забрани влез на европратеникот Ангел Џамбаски и неколкумина други Бугари. Вчера поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева го означи како „агент“ на Москва и Белград, а денеска сегашниот министер за надворешни работи, Николај Милков, го подучуваше по историја и бегло споменувајќи ги 12-те убиени младинци во Ваташа му вели на претседателот дека во Македонија имало илјадници убиени Бугари.

„Како доктор по историја можам да кажам дека ако има жртви на едната страна – спомнува 12 лица, би споменал илјадници луѓе кои биле убиени, 300.000 протерани меѓу двете војни. Сигурно слушнал за Голи Оток, каде што стотици Бугари беа интернирани и умреа по Втората светска војна, само затоа што имаа бугарска самосвест. Тие можеби немаат јасна претстава за  историјата бидејќи сè уште не ги отвориле архивите на тајните служби, можеме да им помогнеме во тоа ако сакаат“, рече Милков во утринското гостување на Бугарската национална телевизија.

Македонските граѓани и македонските историчари сепак имаат јасна претстава за историјата, а фактите за Голи Оток се одамна познати. Тоа е една од најозлогласените епизодите во историјата на СФРЈ. Таму беа интернирани 16.101 лица од цела Југославија во текот на седум години, генерално оние кои го поддржаа Сталин во судирот на Тито со Информбирото. Во тој брутален третман на неистомислениците (кои во огромен број беа членови на КПЈ) животот го загубија 413 затвореници (убиство, самоубиство или природна смрт). Според логиката на докторот по историја Милков речиси сите што умреле во логорот на Голи Оток биле Бугари само затоа што имале „бугарска самосвест“.

Неспоменувајќи ги заканите на европратеникот Ангел Џамбаски до Пендаровски тој вели дека во Македонија се формирал некој нов наратив од контранапади.

„Што се однесува до контранападот против Ангел Џамбаски и други наши политичари, мислам дека ова е дел од некој нов македонски наратив да се направи така што нападот против Бугаринот прво да се минимизира како и систематските напади врз бугарските клубови и заедници кои таму ескалираат. Тоа започна со усвојување на репресивен закон, продолжи со подметнување пожар за што е добиена условна казна, по што следеше пукање, а сега и физички напад врз лице кое е припадник на бугарската заедница. Тие се обидуваат да ни припишат споделена вина – од двете страни на границата има луди глави. Не може да има такви аналогии“, рече Милков.

Тој повтори дека веќе ги информирл министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ. Бил доставен писмен меморандум за овие прашања до сите земји-членки, а ќе имало и средба со сите европски амбасадори во Софија. Софија има намера да го користи и механизмот на ОБСЕ, а и Советот на Европа, најави Милков.

Тој го испофали бугарскиот претседател Румен Радев дека бил во центарот на сите активности на Софија околу францускиот предлог.

Бугарскиот министер повика за прославата на денот на раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари двете земји, а главно македонските институции да останат смирени и да се воздржат од какви било провокации „за да се обезбеди потребниот ред за секој што сака да оди и да се поклони“. (Н.В.)