Милошоски чека одговор од СДСМ за 15 јули, Заев демантира дека веќе се договориле


Ние ги кажавме нашите услови, соодветно им се пренесени, очекуваме СДСМ да ја превземе одговорноста и да се обрати до нас, да не извести дали прифаќаат фер, демократски, меѓународно признати, легитимни избори, со намален здравствен ризик и здравствени протоколи и да се соочиме пред граѓаните на 15-ти јули, рече Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ со што потврди дека понудата на нивната партија до СДСМ е изборите да бидат на 15 јули.

За прашањето доколку се исполнат условите за доставување на набљудувачи од ОБСЕ и ОДИХР и воведување на сериозни здравствени протоколи за изборната кампања и денот на гласање, Милошоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите на 15-ти јули и ќе биде победничка партија.

Прашан што подразбираат под здравствени протоколи Милошоски одговори дека СДСМ најпрвин треба да ги испочитува членовите и надлежностите на Државната изборна комисија.

– Државната изборна комисија најдобро знае во какви канцеларии, општински згради или помали месни заедници се гласа како гласачки места на кои што се гласало досега. За жал во некои од тие места нема простор ниту за самите членови на избирачкиот одбор, а камо ли за уште 15 набљудувачи на листите кои што се поднесени од разни политички партии. Затоа сметаме дека треба да се седне со ДИК и комисијата која што ја предводи  Караџовски како доктор да не политизира премногу, туку да седне и да се запознае со условите на ДИК и да обезбеди услови за пристојно гласање со намален здравствен ризик за секого. Затоа цениме дека треба оваа работа да се сфати многу посериозно од една изјава на  Филипче или Караџовски на прес конференција – рече Милошоски.

Од СДСМ велат дека се уште прават напори да постигнат консензус за датумот на изборите, но Зоран Заев ја демантираше веста дека веќе е постигнат договор тие да се одржат на 15 јули. , како што јавија некои медиуми.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ на првата лидерска средба инсистираше на избори на крајот на август или на почетокот на септември, но очигледно нема сила ни интерес да го спроведе бојкотот, па успеа да ретерира дури два месеци, иако во јавноста се труди да остави впечаток дека всушност го води главниот збор и уценува.