Милијардерите полетаа во вселената и отворија нова ера во вселенските патувања
Британскиот милијардер Ричард Бренсон денеска слета на Земјата без никакви проблеми откако помина неколку минути во вселенската орбита со леталото на неговата компанија Вирџин Галактик, реализирајќи го патувањето за кое отсекогаш сонувал и што претставува пресвртна точка кон вселенскиот туризам.
Вселенското летало ВСС Јунити со двајца пилоти и уште тројца патници, по краток лет во вселената, слета на пистата во базата „Спејсспорт Америка“, во американската држава Ново Мексико, денеска околу 9,40 часот локално време (17,40 часот по средноевропско време).
Бренсон е првиот милијардер кој патуваше во вселената со вселенско летало произведено од неговата компанија и со тоа го престигна својот американски ривал Џеф Безос, кој треба да изврши лет во вселената на 20 јули.
Пред околу 500 луѓе, вклучувајќи ги сопругата, децата и внуците на Бренсон, во првата фаза од летот, специјален авион носеше летало со Бренсон и пет члена на екипажот од неговата компанија за вселенски туризам Вирџин Галактик, пренесе МИА.
Тогаш „вселенскиот авион“ се одвои од матичниот авион на надморска височина од околу 13 километри и ги запали своите мотори, стигнувајќи до работ на вселената на надморска височина од околу 88 километри. По неколку минути бестежинска состојба за екипажот, авионот се врати назад и слета на Земјата.
Границата на вселената се наоѓа на височина од 80 километри, каде што бојата на небото се менува од темно сина во црна боја на космичката бесконечност, каде може да се почувствува бестежинска состојба и да се види како е закривена Земјата.
Официјалната улога на Бренсон во текот на летото беше да го тестира и оцени искуството што ќе го имаат неговите идни клиенти.
Welcome to the dawn of a new space age #Unity22 @virgingalactic pic.twitter.com/Rlim1UGMkx
— Richard Branson (@richardbranson) July 11, 2021
Сер Ричард Бренсон и неговиот тим влегоа во историјата со првиот туристички лет во вселената. Иако самиот момент да се биде во вселената и бестежинската состојба траеше само пет минути, тоа беше доволно за да се запише историја.
„Честитки. Добредојдовте во вселената, Јунити 22!“, им беше кажано од Земјата.
За време на неговото враќање на Земјата, Бренсон за момент се вклучи во директен пренос, и иако звукот беше многу лош, насмевката на лицето покажа колку е задоволен од постигнатото.
Екипажот на VSS Unity мораше да се подложи на медицински преглед пред да се симне од леталото.
Сите патници на овој лет ќе добијат „астронаутски значки“ или „астронаутски крилја“, доделени на луѓе кои ја преминале границата на вселената.
„Овој момент го сонував уште како дете, но ништо не можеше да ме подготви да ја гледам Земјата од вселената. Ние сме пионери на новата вселенска ера. Како основач на Вирџин, ми беше чест што можев да тестирам неверојатно искуство како дел од оваа неверојатна екипа на специјалисти, а сега и астронаути. Едвај чекам да го споделам ова искуство со идните астронаути ширум светот“, рече Брансон по летот, пренесе порталот Зимо.
„Беше волшебно, гледаш надолу и гледаш како тројца те гледаат. Беше одлично да се тестира корисничкото искуство. Овој неверојатен екипаж од специјалисти, а не астронаути, беа неверојатни“, им порача Брансон на собраните.
Тој ги поздрави и им се заблагодари на пилотите како и на сопругата Џоан со која е во брак 45 години, на неговите деца и внуци кои беа присутни.
Тој им се заблагодари на сите што веруваа во Вирџин Галактик и на сите кои работеа напорно 17 години за да го постигнат овој успех што го постигнаа денес.
Откри дека во идејата за мисијатта, што ја напишал и ја зел со себе во вселената, ја запишал својата желба да го приближи универзумот до сите.
„Нашата мисија е да го направиме универзумот достапен за секого. Во тој дух и со денешниот успешен лет на VSS Unity, јас сум воодушевен што можам да објавам партнерство со Omaze и со Space for Humanity за да можеме да инспирираме нова генерација на сонувачи. Толку долго ги гледавме вселенските пионери од минатото. Сега сакаме астронаутите од иднината да се радуваат и да ги исполнуваат своите соништа“, додаде Бренсон.
Тој најави дека, благодарение на соработката со хуманитарна организација, на две лица, кои инаку не би можеле да си дозволат патување во вселената, ќе им биде дадена можност да летаат на некој од идните комерцијални летови. И, ако има доволно донатори, таквата програма може да продолжи.
„Добредојдовте во новата ера на патувања во вселената!“, рече на крајот Бренсон и гордо ги презеде своите крилја на астронаутот.
Поддршка и од ривалите
И додека Бренсон и неговиот тим се подготвуваа за уникатно искуство, тие добија желби за среќен лет од најголемите конкуренти. Џеф Безос веќе му посака среќен пат на Инстаграм, а Илон Маск отиде чекор подалеку и се појави во Ново Мексико за да го поддржи Бренсон во живо.
Big day ahead. Great to start the morning with a friend. Feeling good, feeling excited, feeling ready.
Watch #Unity22 launch and livestream TODAY at 7:30 am PT | 10:30 am ET | 3:30 pm BST.@virgingalactic @elonmusk https://t.co/1313b4RAKI pic.twitter.com/FRQqrQEbH8
— Richard Branson (@richardbranson) July 11, 2021
„Не чека голем ден. Одлично е да го започнете утрото со пријател. Се чувствувам добро, се чувствувам возбудено, се чувствувам подготвен“, напиша Бренсон на својот Твитер со фотографија со Маск.
Маск по успешниот лет му испрати честитка преку Твитер.
Честитки му испрати и главниот ривал Џеф Безос, кој напиша дека со нетрпение чека да „се приклучи на клубот“.
Патем, Бренсон дојде на местото на полетувањето во Ново Мексико на интересен начин. Наместо во автомобил или комбе, тој избра малку поедноставен начин на превоз – велосипед.
Интересот на Маск не е случаен – тој веќе резервираше место на еден од следните летови на Вирџин Галактика
Лидерот на Тесла, Илон Маск купил билет за патување во вселената во вселенското летало на неговиот ривал, британскиот милијардер Ричард Бренсон, тврди Сандеј Тајмс, пренесе ДПА.
Додека Бренсон се подготвуваше за првиот лет на Вирџин Галактик од Ново Мексико во неделата, „Сандеј тајмс“ пишува дека Маск, сопственик на ривалската истражувачка фирма Спејс Икс, обезбедил место на едно од патувањата на компанијата на Бренсон.
Маск платил депозит од 10.000 УСД за да го обезбеди местото, а датумот на патувањето не бил наведен.
Бренсон ја потврди информацијата во интервју за „Сандеј тајмс“, додавајќи дека може да возврати со тоа што ќе купи билет на патувањето на Спејс Икс.
„Елон е пријател и можеби еден ден ќе патувам со некој од неговите вселенски бродови“, рече тој.
View this post on Instagram
Неговиот ривал, основачот на Амазон, Џеф Безос, планира да патува во вселената за девет дена со својата ракета „Блу ориџин“.
Туристите ќе платат околу 250.000 УСД за лет во вселената со Вирџин Галактика, што вклучува четири минути бестежинска состојба.
Како изгледаше летот
Бренсон и неговиот тим, кој го сочинуваа неговите блиски соработници во Вирџин Галактик Дејв Мекај, Колин Бенет, Бет Мозес, Сириша Бандла и Мајкл Масучи, полетаа во вселената во 16:30 часот по средниоевропско време. Но, за разлика од класичните лансирања, тие не полетаа од класичната рампа за лансирање, туку ги носеше матичниот брод, VMS Eve, до висина од приближно 15 километри кога се одделија од него. Потоа пилотите ги стартуваа моторите на SpaceShip Two VSS Unity и го насочија речиси вертикално. За да се постигне посакуваната висина и брзина, моторите мораа да работат „прекувремено“ и да забрзуваат до три пати побрзо од брзината на звукот. На VSS Unitiy му беа потребни околу 50 минути за да ја достигне максималната висина.
Кога се искачијја на надморска височина од околу 88 километри, пилотите ги исклучија моторите и дозволија леталото да лебди. Во следните пет минути, патниците ббеа во бестежинска состојба. Низ 17 прозорци на леталото, тие можеа да ја набљудуваат Земјата од перспектива што многумина ја немаат.
Како што гравитацијата почна да го влече VSS Unity назад кон Земјата, пилотите го свртеа и го управуваа директно надолу за да го забрзаат враќањето.
Целото патување од полетување до слетување траеше околу 90 минути.
Неколку интересни факти за мислата на Unity 22
Мисијата го доби своето име затоа што ова е 22-от лет за ВСС Јунити и четврти лет со полн екипаж. Претходно, човечкиот екипаж леташе во декември 2018 година, февруари 2019 година и мај 2021 година. Токму овој последен лет е првиот лет на човекот во вселената од Спејспорт Америка, лоциран во Ново Мексико.
Како што објави Вирџин Галактика, во наредните месеци се планираат уште два пробни лета, вклучително и лет на кој ќе се најдат припадниците на италијанското воздухопловство. Тие проценуваат дека комерцијалните летови, за кои продадоа околу 600 билети на заинтересирани од 60 земји, ќе започнат во 2022 година.
Што се однесува до екипажот, Вирџин Галактик располага со осум пилоти (Дејв Мекај, Џeамил Јанхуа, Кели Латимер, Мајкл Масучи, Патрик Моран, Бет Мозес, Марк Стаки, Си Jеј Старков) кои ќе бидат одговорни за летовите во иднина.
Самото летало всушност се состои од две летала – матичниот брод VMS Eve и леталото SpaceShipTwo (SS2) VSS Unity. Во март 2021 година, Вирџин Галактик исто така го претстави VSS Imagine, кој треба да ги започне своите пробни летови ова лето.
Еве како се одвиваше целиот овој историски лет: